Enes Kaplan
30 Септември 2017•Ажурирај: 01 Октомври 2017
ЕРЗУРУМ (AA) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во источниот турски град Ерзурум порача дека градот Киркук според меѓународното право е спорен регион, а не во сопственост на Управата на северот на Ирак, како што тие тврдат, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган престојуваше во источниот турски град Ерзурум, а во обраќањето пред собраните граѓани се осврна на случувањата на северот на Ирак, во врска со нелегитимниот референдум кој беше одржан таму.
„На картата која Управата на северот на Ирак ја исцрта по своја волја, во многу населени подрачја има Арапи, Туркмени или некои други групи кои се мнозинско население. А знаете ли што за тоа вели меѓународното право, ги нарекува ‘спорни региони’. Киркук е спорен регион. А што велат тие? Тие велат ‘Киркук е наш’. За што зборувате, Ве има ли воопшто во историјата на Киркук? Ве нема", рече Ердоган.
Нагласи дека на северот на Ирак не се формира независна држава, туку се отвора една рана која секогаш ќе крвари.
„На северот на Ирак не се формира независна држава, туку се отвора една рана која секогаш ќе крвари и која според својата волја некој ќе ја пробива. Занемарувањето на овој факт нема да донесе никаква корист, ниту на нас, ниту на нашите браќа Курди, ниту на другите групи во регионот", порача Ердоган и додаде:
„Никогаш не жалевме за она што го направивме во минатото. Условите очигледно се променија, бидејќи Управата на северот на Ирак, на која од порано и дававме секаков вид поддршка, направи еден чекор пред нашата земја, затоа и ќе плати цена."