Esra Tekin,Gökhan Ergöçün
22 Ноември 2024•Ажурирај: 23 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије има потенцијал да стане еден од водечките светски центри во енергетската трговија со седум гасоводи, два пловечки терминали за ТПГ и 15 влезни точки, јавува Анадолу.
„Без вреднување на човештвото и животната средина, глобалната економија не може да напредува, енергетската безбедност да се обезбеди, светскиот мир да се постигне“, изјави Ердоган во својот говор на Истанбулскиот енергетски форум, еднодневен настан во турската метропола.
Истанбулскиот енергетски форум, организиран од Анадолу под покровителство на Министерството за енергетика и природни ресурси на Република Туркије, е фокусиран на темата „Заедничка иднина, заеднички цели“, обединувајќи ги глобалните енергетски лидери во справувањето со заедничките предизвици.
Туркије има за цел да биде меѓу 3-те најдобри земји во обновливите извори на енергија во Европа, а во првите 9 во светот до крајот на 2025 година.
Наведувајќи дека целта на Туркије е да достигне капацитет од 20.000 мегавати за нуклеарна енергија до 2050 година, Ердоган рече: „Кога ќе биде целосно оперативна нуклеарната централа Акују, ќе задоволува 10 отсто од потребите на Туркије за електрична енергија, спречувајќи ослободување на 35 милиони тони емисии на јаглерод.“
Ердоган рече дека Туркије наредната година планира да започне со работа во еден од рудниците за злато во Нигер, додавајќи дека Туркије врши истражувања за злато во странство, јавува Анадолу.
Нагласувајќи дека оваа недела има 1.000 дена откако започнала руско-украинската војна, настан кој ја принуди Европа да ја преиспита безбедноста на своите енергетски резерви, Ердоган ги истакна ризиците од зависност од странски извори на енергија.
„Благодарение на балансираните односи што ги воспостави со двете страни во конфликтот, Туркије е една од земјите што најдобро го помина тешкиот период на тековната војна“, рече Ердоган.
Ердоган исто така рече дека придаваат големо значење на намалувањето на енергетската зависност од странските земји и олеснување на притисокот што трошоците за енергија го вршат врз турската економија.
„Со сигурни чекори ја продолжуваме изградбата на потполно независна Туркије во енергетиката, не занемарувајќи ниту една област и без оглед на притисоците“, изјави Ердоган.
Тој исто така нагласи дека енергијата е локомотива на развојот, особено заедно со сообраќајот и комуникациите и дека основниот услов за индустријализација и развој е повторно енергијата.
Ердоган рече дека Истанбулскиот енергетски форум ја разгледува улогата на Туркије во енергетскиот сектор, како и финансирањето на енергетската трансформација и додаде:
„Дневното производство во гасното поле Сакарја се зголеми на седум милиони кубни метри, а вкупното дневно домашно производство на осум милиони кубни метри.“
Тој рече дека најголемото откритие на резерви на нафта во нашата историја го направиле во Габор, еден од регионите каде што претходно не можеле да истражуваат поради тероризмот.
„Нашиот брод 'Оруч Реис' започна да работи на три полиња во сомалиските мориња. Се надеваме на добри вести од овие истражувања“, додаде тој.
Форумот се одржува во Конгресниот центар во Истанбул и на него присуствуваат релевантни министри од повеќе земји, претставници на турски и странски невладини организации, меѓународни организации, експерти, претставници на медиумите и водечки имиња од светот на бизнисот.