Muhammed Enes Çallı
28 Декември 2023•Ажурирај: 29 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије, од 22 декември досега, за време на антитерористичките операции неутрализирала 59 терористи, јавува Анадолу.
Говорејќи пред локалните власти во главниот град Анкара, Ердоган рече: „Ако на тероризмот денес му е ставен крај во рамките на нашите граници, клучна причина за тоа се операциите што ги спроведуваме во Ирак и Сирија.“
„Наша црвена линија е да го одржиме принципот на еден народ, едно знаме, една татковина, една држава под сите околности бидејќи тоа го гарантира нашиот национален опстанок“, додаде тој.
„Туркије ќе продолжи со операциите одлучно сè додека не го елиминираме последниот терорист што е закана за нашата земја и нација“, рече тој.
„Продолжуваме со нашите операции надвор од нашите граници. Не дозволуваме терористите да ја оцрнат нашата татковина со својата валканост“, додаде Ердоган.
Неодамнешните антитерористички операции следуваа по терористичкиот напад на ПКК во петокот, во кој загинаа 12 турски војници во Северен Ирак. Оттогаш во турските воздушни напади се уништени десетици терористички цели во Северен Ирак и Сирија и „неутрализирани“ високи терористи.
Терористите на ПКК често се кријат во Северен Ирак каде што планираат прекугранични напади во Туркије. Оваа терористичка организација има и огранок во Сирија, познат како ЈПГ.
Од 2016 година Анкара започна три успешни антитерористички операции преку својата граница во Северна Сирија за да спречи формирање терористички коридор и да овозможи мирно населување на жителите: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019).
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, вклучително жени, деца и бебиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.