Büşra Nur Çakmak
21 Јануари 2022•Ажурирај: 23 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Турција е подготвена да дејствува како посредник помеѓу Русија и Украина, истакна денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние нема да прифатиме немири во регионот. Сакаме да надвладее мирот и подготвени сме да го направиме нашиот дел“, им рече тој на новинарите по петочната молитва.
Предупреди дека секаков вид окупација или избувнување на војна претставува сериозна закана за регионалниот мир.
Истакнувајќи дека Турција има добри односи и со Русија и со Украина, Ердоган рече дека тој ќе го посети Киев во блиска иднина и дека е можна посета и на Москва.
Дипломатските напори за деескалација на зголемените тензии помеѓу Русија и Западот, продолжуваат, при што, сите погледи повторно се насочени кон руско-украинската граница и териториите на фронтот.
Русија се обвинува дека концентрирала повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, потег што предизвика загриженост кај Западот дека Москва можеби планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Кремљ ги негира обвинувањата на Западот за претстојна инвазија, велејќи дека силите на Русија се таму за вежби.