Ekipa
15 Јануари 2021•Ажурирај: 16 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција никогаш нема да прифати нечиј диктат врз турската одбранбена индустрија, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ниту една земја не може да ги одреди чекорите што ќе ги преземеме во нашата одбранбена индустрија. Она што треба да се преземе зависи целосно од нашата одлука“, рече Ердоган, кој по петочната молитва во Џамијата „Долмабахче“, одговараше на прашањата на новинарите.
Како земја членка на НАТО, нагласи тој, Турција никогаш нема да прифати диктат од своите партнери во Алијансата.
Во април 2017 година, кога долготрајните обиди за купување на систем за противвоздушна одбрана од САД се покажаа залудни, Турција потпиша договор со Русија за набавка на нејзиниот најсовремен ракетен штит С-400.
Американските претставници изразија противење на неговото распоредување, тврдејќи дека системот би бил некомпатибилен со системите на НАТО и дека ќе ги стави авионите Ф-35 во ризик од можна руска саботажа.
Турција нагласи дека системот С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и дека не претставува никаква закана за Алијансата или за нејзиниот арсенал.
Турските власти повеќепати предлагаа формирање работна група за испитување на проблемот со техничката компатибилност на системот.
„Иако плативме огромна сума пари, авионите Ф-35 за жал сè уште не ни се дадени. Ова, се разбира, е многу сериозна грешка што ја направија САД како земја сојузник во меѓународната дипломатија“, посочи Ердоган.
Тој додаде дека се надева дека САД ќе направат позитивни чекори во врска со тоа по заземањето на претседателското место од страна на Џо Бајден.
- „Немам никакви контраиндикации по вакцинацијата“ -
Турскиот претседател изјави дека нема никакви контраиндикации по вчерашното примање на првата доза на вакцината против Ковид-19 и дека по 28 дена ќе ја прими и втората доза.
Турските и грчките делегации на 25 јануари ќе одржат состанок за актуелните прашања, па новинарите го прашаа Ердоган дали Турција и понатаму сака да ги нормализира сите односи со Европската Унија, а тој изјави дека Турција од 1963 година се обидува тие односи да ги води во позитивен и конструктивен правец, но дека Европската Унија не ги исполнува дадените ветувања.
Ердоган изјави дека во тек е новиот процес и дека се водат интензивни разговори и консултации и потсети дека во текот на изминатиот период имал разговори со многу европски лидери, вклучувајќи ги претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, шефицата на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Борис Џонсон и други.
„На сите тие состаноци позитивно одговоривме на барањето да се состанеме со грчкиот премиер Мицотакис. Истовремено се состануваа нашите министри за надворешни работи и кажавме дека можеме да започнеме технички преговори. По состаноците на специјалните делегации, сега е на ред и нашиот состанок со уважениот премиер. Кажавме дека тоа е изводлив чекор и во тој правец ситуацијата се развива“, изјави Ердоган.
- Ердоган на отворањето на обновениот музеј -
Турскиот претседател денес во комплексот „Долмабахче“ присуствуваше и на свеченото отворање на обновениот Музеј на сликарство и вајарство на Дирекцијата за национални палати.
Во обраќањето на присутните, Ердоган истакна дека во музејот е изложена поставка од 533 избрани дела од фундуси која има над 3.000 вредни дела.
Нагласувајќи дека таа поставка е особено важна од аспект на промоција на богатството на турската уметност, Ердоган изјави дека вистинското богатство на нациите се мери со нивниот придонес за цивилизацијата.
„Уверен сум дека културата, образованието и семејството се работи за кои мораме најмногу да водиме грижа во текот на создавањето нови политички и економски односи и констелации на силите во светот“, порача Ердоган.
Турскиот претседател исто така изјави дека суверената правна држава во модерната ера е цел на напади во државните граници, но и на дигиталните платформи.
„Татковинската одбранбена политика, покрај одбраната на копно и море, ќе ја прошириме и на одбраната на кибердржавата“, изјави Ердоган, и најави поинтензивен технолошки развој потребен за таквата мисија.
Коментирајќи го големиот интерес кој јавноста низ светот го покажува кон турските серии за културата и историјата на земјата, Ердоган изјави дека тоа потврдува оти Турција е на вистински пат.
Турскиот претседател рече дека Турција работи на ширењето на новата архитектура која може да се опише како модернизирана верзија на селџучката и османската архитектура.