Gözde Bayar
26 Септември 2020•Ажурирај: 26 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турција продолжува да ги штити своите поморски права и интереси со силна волја и непоколеблива верба, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со свесност за тоа колку е важна одбраната на нашата Сина татковина, продолжуваме да ги штитиме своите права и интереси во нашите мориња со силна волја и со непоколеблива верба“, истакна Ердоган во пораката по повод Денот на турските воени сили, што секоја година се одбележува на 27 септември, годишнината од Битката кај Превеза.
„Турција ќе продолжи со зајакнување на своите поморски сили со цел да ја штити Сината татковина, да обезбеди сигурност и да ги одврати оние што имаат замисли за правата на земјата“, нагласи тој, осврнувајќи се на неодамнешните несогласувања со Грција за Источниот Медитеран.
Турскиот претседател додаде дека Барбарос Хајретин-паша, првиот адмирал на османлиската морнарица, ја докажал поморската моќ на Турција пред светот во војната против крстоносците во 1538 година.
Пофалувајќи ја поморската моќ на земјата, Ердоган истакна дека Турција е меѓу единствените 10 земји во светот што можат да ги дизајнираат, изградат и одржуваат своите воени бродови со сопствени ресурси.
„Нашите поморски сили, кои ја осигуруваат безбедноста на морињата на нашата земја опкружена со вода од нејзините три страни, ја прават нашата нација горда со своите напредни капацитети и можности, квалификуван персонал, како и со успесите што ги постигнаа во сите преземени задачи, заедно со поттикот од својата длабоко вкоренета и почитувана историја“, додаде Ердоган.
Тој, исто така, ги изрази благодарноста и молитвите на турската нација за нејзините ветерани и загинати херои.