Ferdi Türkten
30 Септември 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција останува приврзана за имплементацијата на сите договори кои со Русија ги постигнала во врска со ситуацијата во Сирија и дека тука нема никакви отстапувања, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот со рускиот колега Владимир Путин вчера во Сочи, турскиот претседател Ердоган во авионот за време на летот кон Турција, за новинарите ги коментира средбата и општите односи кои Турција ги има со Русија.
Истакнувајќи дека во Сочи бил на покана на Путин и дека тоа била многу конструктивна средба, Ердоган рече дека детално разговарале за билатералните и регионалните теми.
Средбата со Путин траеше речиси три часа, а беа разгледани можностите за понатамошно унапредување на соработката среде експоненцијалниот раст на билатералната трговска размена.
Теми на разговорите беа и проектите за гасоводот „Турски тек“ и нуклеарната централа „Акују“, чија прва единица Турција и Русија планираат да ја отворат во мај 2023 година.
„Турција има за цел да изгради три нуклеарни електрани. Му реков на Путин дека, покрај „Акују“, другите две ги градиме со Русија. Тој рече дека треба да работиме на тоа прашање“, рече турскиот претседател.
Ердоган и Путин разговараа и за подобрување на соработката во вселенските студии, а Путин предложи заедничко лансирање ракети со изградба на платформи на копно и море.
Турскиот претседател рече дека процесот на купување на системот С-400 се одвива според планот и не се зборува за отстапување. Тој додаде дека тие разговарале и за соработка во бродоградбата, производството на мотори за авиони, како и во проектите за развој на подморници.
Средбата Ердоган - Путин се фокусира на регионални прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата во Сирија, Карабах во Азербејџан, Либија и Авганистан.
Ердоган рече дека војната во Сирија има негативни последици за целиот регион и дека Турција се грижи за 4,5 милиони бегалци од таа земја.
Тој рече дека Турција работи на овозможување безбедно доброволно враќање на сириските бегалци и дека повеќе од милион Сиријци веќе се вратиле, вклучувајќи 400.000 повратници во Идлиб.
„Особено го посочив присуството на терористите на ПКК/ЈПГ во Москва и му реков дека треба да ја зајакнеме солидарноста во борбата против тероризмот. На ист начин, таа организација имаше прием во Белата куќа. И тука, за жал, им се посветува внимание. Реков дека треба да ја зајакнеме солидарноста во борбата против тероризмот“, рече Ердоган.
Тој додаде дека особено му пречи фактот што американскиот пратеник од Блискиот Исток и Северна Африка, Мекгурк, шета рамо до рамо во Сирија со лидерите на терористичката организација ПКК/ЈПГ/ПЈД, против која Турција се бори.
„Порано или подоцна, Америка треба да ја напушти областа, која треба да му се препушти на сирискиот народ“, рече Ердоган.
Коментирајќи ги односите на Турција и САД, Ердоган рече дека најверојатно ќе се сретне со американскиот колега Џо Бајден во Рим, а најверојатно и во Глазгов, и дека тоа се добри чекори.
„Го спомнав името на Мекгурк пред малку, тој е човек што поддржува тероризам и кој всушност ја претставува ПКК/ЈПГ/ПЈД. Се разбира, некои од моите изјави како оваа се многу вознемирувачки, но тој е човек кој рамо до рамо шета со терористите“, рече Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган рече дека со Бајден ќе разговара за ситуацијата во Сирија, како и за билатералните односи. Додаде дека ќе го праша Бајден за 1,4 милијарди долари што Турција ги инвестирала во проектот за борбени авиони Ф-35 и дека САД мора да ѝ ги дадат на Турција нејзините авиони или да ги вратат вложените пари.