Servet Günerigök
30 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Турција може да ги зајакне своите одбранбени способности на кој било начин, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за „Њујорк тајмс“ (New York Times) пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред уредниците на американски весник во Центарот „Туркеви“ во Њујорк минатата недела, Ердоган повтори дека Анкара не го поткопала НАТО или западната Алијанса со купување на рускиот ракетен систем С-400.
Претседателот рече дека Анкара „немаше да мора да го купи системот С-400“, доколку Вашингтон на Турција ѝ ги продадеше ракетите за одбрана „Патриот“, додавајќи: „Ние сами си купуваме оружје.“
Запрашан дали купувањето на руските ракети вредело за несогласувањето со САД, Ердоган одговори: „Мислам дека вредеше.“
„Можеме да ја зајакнеме нашата одбрана како што сакаме“, рече тој.
Во интервју за „Си-би-ес њуз“ (CBC News), Ердоган истакна дека Турција ќе продолжи да купува повеќе одбранбени системи од Русија.
„Во иднина, никој нема да може да се меша во однос на тоа каков вид на одбранбени системи добиваме, од која земја, на кое ниво. Никој не може да се меша во тоа. Ние сме единствените што донесуваме такви одлуки“, рече тој за американската мрежа.
Во април 2017 година, кога нејзините долготрајни напори да купи систем за противвоздушна одбрана од САД се покажаа залудни, Турција потпиша договор со Русија за купување на најсовремениот систем С-400.
Американските власти се спротивставија на овој потег, тврдејќи дека С-400 ќе бидат некомпатибилни со системите на НАТО и дека ќе ги изложат авионите Ф-35 на евентуални руски подметнувања.
Во 2019 година, Вашингтон објави дека ја вади Турција од програмата за стелт-борбени авиони Ф-35 поради купувањето од Анкара на системот С-400.
Турција, сепак, нагласи дека С-400 нема да бидат интегрирани во системите на НАТО и нема да претставуваат закана за Алијансата или за нејзиното вооружување.
Анкара, исто така, континуирано предлага формирање комисија за разјаснување на ова прашање.