Gülsüm İncekaya,Musab Turan
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Турција, амбасадорот Кристијан Бергер, истакна дека ЕУ ќе продолжи со помошта за сириските граѓани кои живеат во Турција, и дека се дискутира на турската Влада да ѝ се дадат дополнителни 3 милијарди евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Бергер одржа говор за време на промовирањето на проектот „Можност за животот“, финансиран од страна на ЕУ, а организиран од Меѓународната организација за труд (ILO) и Генералната дирекција за меѓународната работна сила при турското Министерство за семејство, труд и социјални услуги.
Бергер укажа на важноста на овој проект и истакна дека моментално Турција се грижи за 3,5 милиони сириски граѓани.
Тој нагласи дека Турција и ЕУ се во блиска соработка, со цел ставање крај на трагедијата која трае веќе 8 години во Сирија.
Бергер рече дека сириските граѓани што живеат во Турција можат да придонесат во економијата на Турција, и дека меѓу политичките кругови во Турција постои согласност околу тоа.
Според него, ЕУ нуди поддршка за Турција во насока на помагање на Сиријците.
„Нудиме основни потреби. Ако можам да дадам пример, Итната мрежа за социјална заштита (ESSN) дава поддршка, а 1,4 милиони лица во потреба го искористуваат тоа. ЕУ секако дека ќе продолжи со поддршка за Турција во оваа насока“, додаде тој.
Бергер рече дека во првиот дел од помошта ЕУ нуди 3 милијарди евра, и дека моментално има 72 проекти во оваа насока.
„Работиме во три значајни области, од кои првата е образованието. Со образованието се обидуваме да нудиме помош за турската Влада. Овозможуваме сите деца во оваа земја да имаат пристап до образование“, нагласи Бергер.
„Се дискутира на турската Влада да ѝ се дадат дополнителни 3 милијарди евра. Моментално се реализираат преговори за тоа што може да се направи. Од хуманитарна преминуваме во социо-економска поддршка. Во овие рамки, ги потпишуваме и проектите од вториот круг. Сигурно дека образованието се наоѓа на најврвната листа во оваа помош. А потоа доаѓа здравството. Кон крајот на оваа недела во Брисел ќе потпишеме договор за поддршка од 400 милиони евра во областа на образованието“, додаде Бергер.
Од друга страна, директорот на ILO во Турција, Нуман Озџан, истакна дека право на секој човек е да работи во праведни, безбедни и чесни услови, и дека можностите се особено уште поважни за бегалците и мигрантите.
Озџан нагласи дека моментално бројни бегалци се вработени или бараат работа, и дека еден од најсериозните проблеми во земјите каде што постои интензивен тек на мигранти е вработувањето.
„Затоа од суштинско значење е да се создадат можности за вработување, и за тие што се наоѓаат во позиција на домаќин, и за тие што се засолнети“, рече тој, и додаде дека меѓународната заедница е отворена за социо-економска поддршка во оваа насока.
Ладо Гвилава, шеф на мисијата на Меѓународната организација за миграција во Турција, укажа на важноста на проектите реализирани во соработка меѓу Турција и ILO за Сиријците засолнети во Турција, и рече дека со овој проект ќе се овозможи учество на Сиријците во работната сила.
Гвилава подвлече дека интеграцијата на Сиријците е услов за да дадат придонес за турскиот народ и за турската економија.
Од друга страна, генералниот директор на Генералната дирекција за меѓународната работна сила при турското Министерство за семејство, труд и социјални услуги, Садетин Акјил, рече дека секоја година се зголемуваат проектите во врска со Сиријците што живеат во Турција, и дека ова турско министерство од самиот почеток го следи процесот, со цел управување со сириската мигрантска криза.
Според податоците споделени во оваа активност, некои активности од проектот „Можност за животот“ се реализираат во соработка со Меѓународната организација за миграција.
Овој проект кој ќе трае 24 месеци има за цел да ја зголеми економската и социјалната издржливост на турските граѓани и на Сиријците за кои е овозможена привремена заштита.
Целна група на овој проект се Сиријците и турските граѓани, пред сè младите лица и жените.