Barış Gündoğan
28 Мај 2023•Ажурирај: 28 Мај 2023
АНКАРА (АА) - Претседателскиот кандидат на опозициската Национална алијанса и претседател на Републиканската народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, гласаше во вториот круг од претседателските избори на избирачко место во училиште во турската престолнина Анкара, јавува Анадолу.
Киличдароглу на избирачкото место пристигна во придружба на сопругата Селви.
Претседателскиот кандидат на опозицијата по гласањето изјави дека верува во победа.
„Ќе победиме, ќе видите, јас верувам во волјата на народот“, изјави Киличдароглу за новинарите и додаде:
„Ги повикувам граѓаните да излезат на избирачките места, верувам дека ќе победат народниот разум и демократијата.“
Избирачките места низ Туркије се отворени утрово во 8:00 часот по локално време (7:00 часот по средноевропско време), со што започна гласањето од вториот круг на претседателските избори во оваа земја.
Повеќе од 64 милиони граѓани на Туркије со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидат на Народна алијанса, и Кемал Киличдароглу, кандидат на опозициската Национална алијанса.
Во првиот круг од изборите, одржани на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу собра 44,89 отсто од гласовите. Народна алијанса на Ердоган, предводена од владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), освои мнозинство во државниот Парламент во првиот круг.