Berk Özkan
20 Септември 2019•Ажурирај: 21 Септември 2019
ИСТАНБУЛ
Во Њујорк ќе се организира изложба на фотографии на неодамна починатиот познат турски и светски фотограф и фоторепортер Ара Ѓулер, јавува Anadolu Agency (AA).
Фотографиите на Ѓулер во Њујорк ќе бидат изложени oд 23 септември до 4 октомври во самото срце на „Вол стрит“, поточно во „Alexander Haliton U.S. Custom House“. Изложбата ќе биде поставена во време на одржувањето на Генералното собрание на Обединетите нации. Пред Њујорк фотографиите на Ѓулер имаа можност да ги видат љубителите на фотографијата во Лондон, Париз и Кјото.
Покрај прекрасните фотографии на Истанбул изработени во текот на 1950-тите години, во изложбата се вклучени и најзначајните портрети што ги изработил Ара Ѓулер, како што се ликовите на Дастин Хофман, Федерико Фелини, Пабло Пикасо, Салвадор Дали, Брижит Бардо, Софија Лорен...
По Њујорк, изложбата се сели во Рим, а потоа во Могадиш.
Ара Ѓулер е погребан во Истанбул кон средината на октомври 2018 година. Меѓу љубителите на фотографијата, Ара Ѓулер особено ќе остане запаметен по црно-белите фотографии на Истанбул. Неговите „Портрети на Истанбул“ се изложувани во многу градови низ светот. Ара Ѓулер беше познат и под псевдонимот „Окото на Истанбул“.

Ѓулер имаше откажување на бубрезите и последните неколку години од животот беше принуден дневно да извршува по три терапии. Сепак, староста и болеста не го спречија Ѓулер да продолжи да се занимава со фотографија.
На 22-годишна возраст го набавил првиот фотоапарат - Ролајкорд II, чија прва серија на пазарот се појавила во 1933 година. Неговата кариера на фоторепортер започнала во 1950 година, кога започнал да работи за локалниот весник „Нов Истанбул“.
Ѓулер имаше можност да се сретне со светски познатиот француски фоторепортер Анри Картие Бресон. До него дојде преку Ромео Мартинез, главниот уредник на списанието „Camera“. Ѓулер подоцна станува член на „Magnum Photos“, меѓународно здружение на фотографи.
До крајот на 50-тите години од минатиот век работел за светски познатите списанија, како што се „Time“ и „Life“ во САД, францускиот неделник „Paris Match“ и германскиот „Der Stern“. Патувал од Пакистан до Кенија, од Нова Гвинеја до Борнео.
Во Судан престојувал во 1978 година, непосредно пред Втората еритрејска граѓанска војна, а известувал за судирите меѓу завојуваните бунтовнички групи.
Непосредно пред воениот удар во Турција изведен во 1980 година, Ѓулер заминал за Монголија, татковината на Турците, за да ги фотографира написите од 8 век. Во 1990 година Ѓулер заедно со сопругата отпатува за Индонезија, од каде што известуваше за канибалските племиња.