Fahri Aksüt
21 Јуни 2020•Ажурирај: 22 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Одржлив прекин на огнот во Либија може да се постигне ако сите се вратат на своите позиции од 2015 година, истакна денес портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ибрахим Калин за агенцијата „Франс прес“ (APF) изјави дека за одржлив прекин на огнот, силите лојални на Калифа Хафтар треба да ги напуштат Сирт и Џуфра.
„Сè додека либиската Влада сака да сме таму, ние ќе бидеме таму“, рече тој. Турција ќе продолжи да ја поддржува Владата признаена од ОН предводена од Фајез ал-Сараџ.
Тој ја критикуваше поддршката на Франција за Хафтар и рече дека европската нација ја загрозува безбедноста на НАТО со поддршката на Хафтар.
„Ние ја поддржуваме легитимната Влада [Владата на национално единство] на Либија. Француската Влада го поддржува нелегитимниот воен барон и ја загрозува политичката стабилност на Либија и безбедноста на НАТО, Медитеранот, Северна Африка“, рече тој.
Калин нагласи дека Хафтар е лице кое не стои на својот збор уште од почетокот.
„Хафтар ги прекрши сите договори за прекин на огнот и напорите за ублажување на тензиите. Владата на национално единство нема да поддржи никакви преговори во кои учествува Хафтар“, рече тој.
Калин ги обвини Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за финансирање на војната во Либија и ги нарече бесмислени нападите од страна на заливската држава врз турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Турција поради улогата што ја имаат во арапско-муслиманскиот свет.
„Турција ја разбира легитимната загриженост за безбедноста од страна на Египет поради неговата гранична линија со Либија, но поддржувањето на Хафтар е погрешна политика“, рече тој.