Nuran Erkul
05 Мај 2017•Ажурирај: 06 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Се очекува проектот Трансанадолски гасовод (ТАНАП) во тест-периодот, да го испорача првото количество природен гас во Турција во јануари 2018 година, јавува Anadoly Agency (АА).
Салтук Дузјол, генерален директор на проектот ТАНАП, кој во Турција ќе донесе природен гас од Азербејџан, во интервјуто за АА изјави дека се завршени 80 отсто од 'фазата 0'.
Фазата 0 почнува на турско-грузиската граница и завршува во турската област Ескишехир, каде што се изградени компресорски станици. Должината на оваа делница изнесува 1.334 километри и ја сочинуваат цевки со дијаметар од приближно 143 см.
Вториот дел од проектот започнува од Ескишехир и продолжува до Ипсала, во близина на Едрене, на турско-грчката граница, каде што ТАНАП ќе се поврзе со трансмедитеранскиот гасовод (ТАП), кој го испорачува азербејџанскиот гас на европскиот пазар.
Дузјол потврди дека се завршени 45 отсто од гасоводот којшто се протега од Ескишехир до европскиот дел.
„Гледано во целина, можеме да кажеме дека севкупно се завршени 70 отсто од проектот ТАНАП. Сите работи во рамките на фазата 0 ќе бидат завршени до крајот на годината, по што ќе започне тест-периодот на испорака на првите количества гас низ гасоводот. Првите комерцијални количества гас преку овој гасовод се очекува да бидат испорачани во јуни 2018 година“, изјави Дузјол.
Еден дел од дволинискиот гасовод, кај кој секоја цевка има дијаметар од околу 92 см, би требало да биде спроведен и под морето. Инженерскиот дел од работата за делот што ќе биде изведен под морето, доделен е на една малезиската компанија. Дел од гасоводот под морето ќе биде во должина од 17,6 километри и ќе минува низ теснецот Дарданели. Инаку, вкупната должина на целиот гасовод ТАНАП изнесува 1.850 километри.
Годишниот капацитет на ТАНАП изнесува 16 милијарди кубни метри гас. Од тоа, Турција ќе користи шест милијарди кубни метри, додека преостанатите 10 милијарди кубни метри гас ќе бидат испорачани на европскиот пазар.
Дузјол објасни дека проектот има вкупен капацитет од 31 милијарда кубни метри гас, и напомена дека ТАНАП има капацитет за испорака на дополнителни 15 милијарди кубни метри природен гас, доколку има потреба од тоа.
Генералниот директор Дузјол потврди дека овој гасовод до јули 2019 година ќе биде подготвен за испорака на природниот гас на ТАП.
„Падот на цената на нафтата на светскиот пазар и ниските цени на производите му овозможија на ТАНАП да го намали својот буџет и да заштеди и до 3,2 милијарди долари, Во почетокот, инвестицискиот буџет на ТАНАП беше проценет на 11,7 милијарди долари“, рече Дузјол, генералниот директор на ТАНАП, и додаде дека во моментов трошоците на ТАНАП се проценети на 8,5 милијарди долари.