Hasan Demirkaynak,Serhat Zafer
06 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
СИВАС (AA) - Приказните за чесност, за чесни луѓе, пронаоѓачи на големи суми пари кои ги вратиле на сопствениците без барање на каков било надомест, за жал се приказни кои се сѐ поретки во денешно време, па така и предизвикуваат големо внимание кога ќе се прочитаат во медиумите.
Уште една приказна за чесен човек пристигнува од турскиот град Сивас, поточно од малото место Алтинјајла. Минувач, кој наминал во ова место, поминал до локалната џамија и таму ја наполнил батеријата на мобилниот телефон.
Бидејќи во џамијата немало никого да праша за дозвола, минувачот, откако го наполнил телефонот, оставил пари и ливче со порака, која изутрина, доаѓајќи на утринската молитва, ја пронашол муезинот на џамијата, Али Гундоглу.
Чесниот минувач на ливчето ја оставил следната порака: „Го наполнив мојот телефон во вашата џамија, поради тоа ги оставив овие пари. Простете ми.“
Муезинот Гундоглу во разговор за АА изјави дека многу емотивно реагирал кога ги пронашол пораката и парите.
„Како човек кој посведочил на тоа, како муслиман и како верски службеник, бев многу среќен и возбуден кога го прочитав тоа. Сметам дека ваквото ниво на чесност и чувствителност треба да биде присутно, не само во џамиите, туку во сите сфери на едно општество“, изјави Гундоглу.
Тој додаде дека еден ваков чин за секој муслиман треба да биде нормален, но дека за жал, факт е дека ваквите случаи се сѐ помалку и помалку.