Andaç Hongur
26 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
ИСТАНБУЛ
Лендарт-уметникот Сајп, кој нацрта ракување на тревник за да го симболизира заедништвото и заемната помош, како осма станица од неговиот проект „Зад ѕидовите“ (Beyond Walls) го избра Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Францускиот уметник Гијом Легро познат како Сајп создава монументални фрески на трева и почва. Сајп, кој е пронаоѓач на бојата од креда и јаглен, е познат како предвесник на уметничкото движење кое ја поврзува уличната уметност со „лендарт“.
Уметникот во овој поларизиран свет симболично избирајќи го најголемиот светски човечки синџир, со неговиот проект „Beyond Walls“ ги поканува луѓето на добронамерност и соживот. Сајп во градовите, цртајќи го ракувањето на тревник, сака да го симболизира заедништвото и заемната помош.


Истанбул стана осмата станица на глобалниот проект „Beyond Walls“ на Сајп, што го започна во јуни 2019 година. Со проектот, најголемиот ланец луѓе во светот ќе помине низ Истанбул.
Огромните раце создадени од овој уметник, којшто живее во Швајцарија, откако ги соединија континентите Европа и Африка, доаѓаат на европскиот дел на Босфорот и сакаат да го преминат Босфорот за да стигнат до азиските брегови.
Уметникот продолжува да го црта братскиот синџир, кој ги спојува градовите, континентите и Западот и Истокот. Претходните станици на проектот беа Париз, Андора, Женева, Берлин, Уагадугу, Јамусукро и Торино.
Во Истанбул делата се направени во областа Бејкоз, Универзитетот „Богазичи“ и под мостот „Ункапани“. Проектот е поддржан од Општина Истанбул, Општина Бешикташ, Универзитетот „Богазичи“, Францускиот културен центар во Турција и Генералниот конзулат на Швајцарија.
Изложбата со фотографии на делата ќе може да се посети до 8 ноември во Таксим Санат. Исто така, делата ќе се постават и на фасадата на Францускиот културен центар во Турција.
- „Бојата не ѝ штети на природата, затоа добивам навистина добри коментари“
Гијом Легро, одговарајќи на прашањата на новинарот на АА, истакна дека уметноста е многу важна алатка во комуникацијата и дека неговата цел е да пренесе порака до луѓето.
„Во конјунктурата во која се наоѓаме луѓето почнаа сè повеќе да се поларизираат и да се отуѓуваат. Посакувам моите дела да имаат значително влијание. На тој начин сакам да ги поддржам напорите луѓето да се здружат и да направат нешто заедничко“, нагласи уметникот Легро.

Тој, истакна дека проектот „Beyond Walls“ ги содржи пораките за солидарност и соработка.
„Истанбул е осмата етапа од патувањето Beyond Walls... Важноста на Истанбул во однос на геополитиката е неспорна. Тој е на точката каде што се среќаваат многу култури и луѓе и тоа е одличен симбол на мојот проект. Моето дело се состои од 3 фрески. Едната е во Бејкоз и го претставува делот на Анадолија. Една е на Универзитетот „Богазичи“. Една пак, е под мостот „Ункапани“, тоа е симболично дело кое плива во морето и ги поврзува двата континенти. Бидејќи мојата сопруга е Турчинка, јас сум горд што сум тука и се обидувам да ја одразам важноста на проектот“, рече уметникот.
Истакнувајќи дека имало позитивни реакции додека ги правел неговите дела, Легро рече: „Како прво луѓето беа изненадени. Затоа што делата кога се гледаат од исто ниво не можат да се разберат. Но откако ќе се видат од повисоко портретот и фреските е појасно. Бојата што ја користам целосно е природна и не ѝ штети на природата, затоа добивам навистина многу добри коментари.“
Наведувајќи дека 12 дена е во Истанбул, Легро додаде: „Целта е нашата порака да ја пренесеме на што повеќе луѓе. Пораката што сакаме да ја дадеме е да дејствуваме заедно и да го направиме светот да биде подобро место.“