Aylin Dal
26 Октомври 2020•Ажурирај: 27 Октомври 2020
АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во пресрет на ескалацијата на спорот меѓу Франција и Турција во врска со поттикнувањето на исламофобија од страна на Париз, повика да не се купуваат француските производи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го повикувам нашиот народ никако да не купува француски производи“, изјави Ердоган на церемонијата за отворање на Неделата кога се одбележува раѓањето на божјиот пратеник Мухамед.
Покрај растечката исламофобија во Европа, тој изјави дека непријателството кон исламот и муслиманите станало државна политика на некои европски земји, политика која ужива поддршка на високи нивоа.
Обраќајќи се на останатите светски лидери, Ердоган изјави: „Доколку постои прогон над муслиманите во Франција, ве повикувам да ги заштитиме заедно.“
Тој изјави дека Европскиот парламент зборува за секое прашање поврзано со Турција, па така би било погрешно доколку замолчува на исламофобијата.
На почетокот од месецот, францускиот претседател Емануел Макрон го опиша исламот како религија која 'е во криза', и најави планови за поостри закони за справување со, како што изјави тој, 'исламистичкиот сепаратизам' во Франција.
Тој го осуди убиството на францускиот наставник, кој на час ја покажа карикатурата на божјиот пратеник Мухамед, и рече дека Франција нема да се откаже од правењето на карикатури.
Турција, како и неколку арапски земји, го осудија ставот на Макрон кон муслиманите и исламот, при што Ердоган во неделата изјави дека на францускиот лидер му е потребно ментално лекување.
По коментарите на Ердоган, Франција го отповика својот амбасадор во Турција.