АНКАРА (АА) – Заменик-министерот на Турција за ЕУ, Али Шахин, беше пoздравен како херој од страна на пакистанскиот народ откако тој одговори на повикот на пакистанска жена која бараше помош во потрагата по нејзиниот исчезнат син, јавува Anadolu Agency (AA).
Пакистанскиот мигрант Салман Кан, кој имаше само 23 години, почина на рутата до Бугарија во декември минатата година. Откако турскиот заменик-министер Шахин доби очајна молба од мајката на починатото лице, тој му помогна на семејството Кан да го лоцира и да го пренесе телото назад во Пакистан.
Заменик-министерот за АА изјави дека молбата од пакистанското семејство ја добил преку социјална мрежа, на 28 декември 2016 година.
„Тоа беше повик за помош од една мајка од пакистанскиот град Пешавар, кој е оддалечен околу 4.000 километри (2.485 милји) од Турција“, вели Шахин.
Манра, мајка на починатиот Пакистанец, упати молба до заменик-министерот за да го пронајдат и да го донесат нејзиниот син, жив или мртов.
„Тоа беше најтажното писмо што некогаш сум го добил“, вели Шахин.
Откако го добил писмото и сликата од исчезнатиот Кан, заменик-министерот започнал со преземањето на потребните чекори со цел да се лоцира лицето. Тој сфатил дека младиот Пакистанец починал под ужасни околности.
„Откако Салман ја преминал бугарската граница, безбедносните сили го уапсиле, а подоцна го оставиле на турската граница на минусни температури и му ги одземале чевлите“, вели Шахин.
„Младиот Пакистанец бил принуден да остане на отворено, а подоцна премрзнал до смрт во ноќта на 27 декември“, додава тој.
„Ова е само една од многуте трагедии што се случуваат на нехуманите и студени граници на Западот“, вели Шахин.
Телото на Кан, пронајдено долж турско-бугарската граница, од страна на турските власти беше донесено во Турција.
Заменик-министерот нагласи дека Кан би бил закопан на некои непознати гробишта доколку семејството не се обратело на Турција за помош.
По извршената аутопсија во Истанбул, телото на Кан на 29 декември беше испратено назад преку „Туркиш Ерлајнс“, во пакистанскиот град Исламабад, каде што неговото семјество го пречека.
Мајката на Кан беше полна со благодарност и пофалби за Шахин, кој помогна да се стави крај на оваа тажна приказна.
„Алах го зеде Салман од мене, но ми го даде Али Шахин“, му се обрати мајката на Кан на заменик-министерот преку телефон.
Братот на Кан исто така изјави дека сега неговата мајка го смета заменик-министерот како свој син.
„Бевме осум браќа и сестри со Салман, но сѐ уште сме осуммина со тебе“, Шахин ја пренесе пораката што му била упатена од страна на братот на Кан.
Тој подоцна исто така испрати букет цвеќиња до ожалостената мајка со порака на него: „Од твојот турски син“.
Откако се расчу за овој чин на добрина од страна на заменик-министерот, на социјалните мрежи се објавуваат пораки на љубов и поддршка кон заменик-министерот на Турција за ЕУ.
Еден корисник на социјалната мрежа Твитер објави: „Ве поздравувам господине. Не само мајката на Салман, туку сите браќа и сестри на Пакистан се молат за вас“.
Друг напиша: „Почитуван @AliSahin501 , тукушто дознав од медиумите за начинот на кој сте се решиле и сте се погрижиле за телото на Салман. Вие сте прекрасен. Ве поздравувам“.
Заменик-министерот изјави дека планира да го посети Пакистан колку што е можно побрзо, како и семејството на Кан, и да оддаде почит на гробиштата каде што почива младото момче.
Шахин е добро позната фигура и широко почитувана личност од страна на пакистанската заедница во Турција и пошироко. Заменик-министерот има дипломирано на пакистанскиот универзитет во Карачи и исто така го зборува јазикот урду.
За младите луѓе што од Истокот одат кон Запад за подобри можности, Шахин рече дека тоа е природно движење кон нивното богатство кое било искористувано во Азија, Блискиот Исток и во Африка стотици години.
„Тие само бараат слобода, правда и своето украдено богатство“.