Ekip
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ
Денес за време на церемонијата на отворањето на гасовотот „Турски тек“, претседателот на Русија Владимир Путин во своето обраќање изјави: „И покрај напорите за спречување на соработката меѓу Русија и Турција, таа се развива во сите области“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Конгресниот центар „Халич“ во Истанбул се одржа церемонија по повод завршување на гасоводот „Турски тек“, кој рускиот природен гас ќе го пренесе во Турција, и преку Турција во Европа. На оваа церемонија учествуваа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган; претседателот на Русија, Владимир Путин; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; премиерот на Бугарија, Бојко Борисов; претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп; потпретседателот на Турција, Фуат Октај; министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез; министерот за енергетика на Русија, Александер Новак, како и голем број државни и владини претставници.
Путин имаше свое обраќање на оваа церемонија на која рече дека завршувањето на гасоводот „Турски тек“ е значаен настан за Европа.
Рускиот претседател нагласи дека реализирање на ваков голем заеднички проект е показател на тоа дека руско-турското стратешко партнерство носи значајни и конкретни резултати.
„Соработката меѓу Русија и Турција чекор по чекор се развива во секоја област“, додаде Путин.
Тој истакна дека рускиот природен гас веќе 30 години се извезува во Турција, и рече: „Првин, рускиот природен гас преку Трансбалканскиот гасовод го пренесувавме во Турција, а потоа почнавме директно да го пренесуваме преку „Син тек“. Само минатата година нашите турски партнери купија гас од 24 милијарди кубни метри.“
Според него, со „Турскиот тек“ рускиот природен гас во Турција ќе се пренесе преку нова рута.
Путин истакна дека на дното на морето, на длабочина од 2 и должина од 1.800 километри, се поставени две паралелни линии со цевки кои имаат капацитет од по 16 милијарди кубни метри, и дека овој проект поседува модерна технологија.
Рускиот претседател нагласи дека со првата линија на „Турски тек“ ќе се пренесе природен гас од изворите во Западен Сибир, додека со втората линија преку Турција природниот гас ќе се пренесе на Балканот, односно во Бугарија, Грција и Србија.
„Пренесувањето на рускиот гас во Европа преку Турција ќе влијае позитивно, не само на турската економија и регионот на Црното Море, туку и на економијата на повеќе земји во Јужна Европа, а ќе ја осигурува безбедноста на европскиот енергетски пазар“, додаде тој.
Путин информираше дека дневно се поставуваат цевки од над 6 километри, и дека тоа претставува рекорд во оваа насока.
„Сакам да упатам благодарност до турските власти и до турскиот претседател. Бидеќи во текот на изградбата ги обезбедија навреме сите потребни лиценци и дозволи. Покажавте политичка волја и реализиравте проект соодветен за националните интереси на вашата земја. Верувам дека Турција во иднина ќе реализира бројни проекти. Ќе можеме заедно да ги реализираме најамбициозните проекти и во енергетиката и во другите области. Тоа ќе биде за доброто на двете држави и двата народа“, рече Путин.
„Денес живееме под тешки услови. За жал, постојат сериозни чекори за зголемување на тензиите во регионот, додека Турција и Русија покажуваат тотални различни примери. На пример, реализираме работи за доброто на нашите држави и народи, како и за доброто на европските и светските народи. Верувам дека и во иднина ќе направиме чекори на овој начин и ќе постигнеме нови успеси“, додаде Владимир Путин, претседател на Русија.