Cebrail Caymaz
30 Јануари 2026•Ажурирај: 03 Февруари 2026
ШАНЛИУРФА (АА) – Две сестри, родени со оштетен вид, кои живеат во турската област Шанлиурфа, преку курсевите што ги организира едукативен центар, се социјализираат и воедно придонесуваат за семејниот буџет со изработка на рачно плетени производи, јавува Анадолу.
Сестрите Неџла (40) и Лејла Етрез (35), кои живеат со мајка им, пред две години се запишале на курсот плетење во едукативниот центар во округот Вираншехир, со цел да ги надминат своите пречки и да водат попродуктивен живот.
Со поддршка на обучувачите, сестрите во кратко време ги совладаа техниките на плетење и почнаа да плетат џемпери, чорапи, шалови, чанти и платнени кукли.
Неџла Етрез за АА изјави дека таа и нејзината сестра пред две години почнале да посетуваат курсеви и дека со обуката што ја добиле ги унапредиле своите плетачки вештини.
„Со Лејла ни беше здодевно кога останувавме сами дома. Мајка ми има продавница и се грижи за неа. Со продажба на рачните изработки ние исто така обезбедуваме дополнителен приход за нашата куќа“, рече таа.
Истакнувајќи дека посетувале и обука за шиење и везење, Лејла Етрез рече: „Тука изработувам плетени чорапчиња, јакни, кардигани и фустани. Сè научив овде. Им благодарам на наставниците од едукативниот центар.“
Директорот на едукативниот центар, Аднан Емре, изјави дека особено му е драго што сестрите со огромна желба ги посетуваат курсевите и дека во центрите континуирано се одржуваат различни обуки.