Nuran Erkul
17 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за време на својата официјална посета на САД, во коодинација со Турската владина агенција за поддршка на инвестиции и промоција (TYDTA), оствари средба со 40-ина високи извршни директори од САД и менаџери на меѓународни фондови. На средбата, претседателот Ердоган ги повика соговорниците да ги зголемат своите инвестиции во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што го даде Турската владина агенција, се вели дека претседателот Ердоган остварил средба со голем број претставници на компании од Вашингтон кои работат на полето на одбраната, воздухопловството, хемиската индустрија, здравството, информатичката и производствената индустрија и менаџери на меѓународни фондови.
На состанокот била разгледана инвестициската клима и можностите во Турција со високи извршни директори од компаниите Abraaj Group, Cargill, CDPQ, Coca Cola, Dow Chemical, Европската банка за обнова и развој (EBRD), Меѓународната финансиска корпорација (IFC), GE Aviation, Glaxo Smith Kline, Lockheed Martin, PepsiCo, Raytheon Intenational, Uber.
Покрај тоа, на средбата учествуваа и претставници од други институции, како што се Стопанската комора на САД, Унијата на инвеститори на капитал од економиите во развој, Турско-американскиот совет. „Претседателот Ердоган на средбата зборуваше за инвестициската клима и за економска агенда на Турција и ги повика претставниците на компаниите коишто се гиганти на светско ниво, да ги зголемат своите инвестиции“, се вели во соопштението на владината агенција ТЈДТА.
- „Забележавме дека странските инвеститори ѝ веруваат на Турција“ -
Во соопштението е дадена и изјавата на претседателот на агенцијата, Арда Ермут, кој истакнува дека американските инвеститори имале можност од прва рака да чујат за ефикасната и одлучна политика на турската Влада на полето на економијата.
„Средбата на којашто почитуваниот претседател Ердоган се сретна со претседателите, извршните директори на светски познати компании и менаџери од меѓународни фондови, ја покажа поддршката што Турција им ја дава на странските инвеститори. Многу голема улога во сето тоа има лично и претседателот на Турција. За време на средбата можеше да се забележи дека инвеститорите беа импресионирани од изјавата на претседателот Ердоган, кој истакна дека инвеститорите ќе можат директно да контактираат со нашата агенција за поддршка на инвестициите и оти лично ќе се погрижи веднаш да се најде решение за сите прашања што можат да настанат во корелацијата на нашата агенција со владините и државните институции“, вели Ермут во соопштението.
Ермут потсети дека претседателот Ердоган во март и во септември минатата година оствари две средби со меѓународните инвеститори, и додаде: „И при оваа посета имавме успешна средба на којашто беше прикажан сериозен интерес од компаниите-учеснички. На средбата се зборуваше за продолжување на економските реформи; американските компании соопштија дека ќе ја дадат својата поддршка за турско-американскиот трговски договор, за инвестицискиот план на технолошките компании и за зголемување на инвестициите во Турција од страна на меѓународните фондови. Можеше да се забележи дека меѓународните инвеститори веруваат во инвестициската клима воТурција, политичката стабилност и визијата за иднината на Турција по референдумот“.