Sibel Morrow
08 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Терористичката организација ПКК/ЈПГ продолжува со вознемирувачкиот оган врз турските сили во подрачјето на последната антитерористичка операција на Турција во северна Сирија, соопшти денеска турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„И покрај договорот со Руската Федерација од 22 октомври 2019 година, терористите на ПКК/ЈПГ сѐ уште се присутни во западните и источните делови на подрачјата ослободени во [операцијата] „Извор на мирот“ и продолжуваат со вознемирувачкиот оган кон нашите елементи“, се вели во соопштението на Министерството.
Од Министерството се додава дека на вознемирувачките пукотници се возвраќа со иста мера од страна на турските сили.
Од 2016 година Турција започна три успешни антитерористички операции надвор од своите граници, во северна Сирија, со цел да спречи формирање на терористички коридор во тој регион: операциите „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019).
Минатиот октомври, Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК од северниот дел на Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел да се обезбедат турските граници, да се помогне во безбедното враќање на сириските бегалци и да се осигура територијалниот интегритет на Сирија.
Анкара сака терористите на ЈПГ/ ПКК да се повлечат од регионот за да може да се формира безбедносна зона и да се отвори патот за безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.
На 22 октомври, Анкара и Москва склучија договор според кој терористите на ЈПГ ПКК треба да се повлечат 30 километри јужно од границата на Турција со Сирија, а безбедносните сили од Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во подрачјето.
И покрај тоа, нападите на ЈПГ/ПКК во регионот продолжија.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.