Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
АНКАРА
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека безбедносните сили од почетокот на годината спречиле 26 обиди за терористички напади во земјата, а последниот е спречен денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сојлу на собирот во Анкара исто така истакна дека турските безбедносни сили во операциите од почетокот на годината неутрализирале 121 терорист на ПКК.
„Во текот на тие операции запленивме 878 килограми експлозиви, вклучувајќи и 42 килограми пластичен експлозив. Запленети се и 63 мински експлозивни направи и 167 рачни бомби“, рече Сојлу.
Сојлу рече дека Турција води борба против сите облици на тероризам и дека има еден фронт на борба против терористичките организации како што се ПКК, ДЕАШ, ФЕТО И ДХКП-Џ.
Турскиот министер за внатрешни работи додаде дека таа антитерористичка борба на Турција не ја вклучува само борбата против вооружените терористи, туку и борбата против сите елементи кои морално и финансиски го поддржуваат тероризмот и објавуваат терористичка пропаганда.
Турските безбедносни сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во рамките на земјата, но и на северот на соседните земји Ирак и Сирија.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, ЕУ и САД. Во текот на повеќедецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.