Zafer Fatih Beyaz
22 Април 2019•Ажурирај: 22 Април 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека турските безбедносни сили прават сè за во потполност да ги расветлат сите детали за вчерашниот физички напад врз лидерот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на турската опозиција, Киличдароглу, вчера присуствуваше на погребот на загинатиот турски војник во подрачјето Чубук, во Анкара, а група присутни протестираа и го нападнаа додека тој го напушташе собирот.
Припадниците на турските безбедносни сили физички го заштитија Киличдароглу и низ масата го евакуираа во станбена куќа во околината. Објектот го посети и турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, кој ги повика насобраните да се оддалечат од објектот. Лидерот на ЏХП, Киличдароглу, со оклопно возило на турските сили и во придружба на министерот Акар е евакуиран од објектот.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сојлу, денес изјави дека турските безбедносни сили на сите собири преземаат адекватни мерки за безбедност, како и на погребот на кој присуствуваа 12.000 лица, вклучувајќи и неколку министри и највисоките воени претставници.
„Тоа беше инцидент кој е за осуда и кој не е во согласност со нашата култура и начин на живот“, изјави Сојлу.
Сојлу, исто така, изјави дека нема индиции дека инцидентот е предизвикан со провокација која е нарачана.
„Колку е погрешно што реакцијата на насобраните се претвори во таков инцидент, толку е опасно и погрешно што нападнатиот од тоа се обидува да извлече политичка корист“, порача Сојлу и додаде дека ставовите на Киличдароглу и ЏХП по инцидентот не се конструктивни и смирувачки.
„Киличдароглу не им најави на безбедносните сили дека доаѓа на погребот. Не го сторија тоа ниту неговите телохранители, ниту официјалните претставници на партијата. Затоа е невозможно да се зборува за некаков однапред организиран напад врз него, кога никој не ни знаел дека доаѓа на тоа место“, изјави Сојлу.
Отфрлајќи ги сите обвиненија кои се упатени на сметка на неадекватна реакција на турските безбедносни сили за време на вчерашниот инцидент, Сојлу изјави дека надлежните институции ќе ги откријат сите детали и позадината од вчерашниот инцидент.