ЧАНАККАЛЕ (АА) - БУРАК АКАЈ -
Се навршија 103 години од крајот на Првата светска војна, што беше важна пресвртница во светската историја што секако влијаеше на многу држави. Токму во Чанаккале во Турција се случи одлучувачкиот момент на војната што траеше повеќе од четири години на европскиот, африканскиот, блискоисточниот, азискиот и кавкаскиот фронт, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на 1915 и 1916 година на полуостровот Галиполе починаа илјадници луѓе во поморските и копнените битки помеѓу Османлиското Царство и сојузничките сили. Освен тоа, многу воени бродови потонаа во текот на бомбардирањето кај Дарданелите, тесниот поморски премин во северозападна Турција.

Репортерската екипа на АА, заедно со подводните инструктори и нуркачи, нурна во „Историскиот подводен парк Галиполе“, што се наоѓа на самиот брег на селото Седулбахир на полуостровот Галиполе.
- 120 метри долг потонат брод -
Репортерската екипа ги сними остатоците од 120 метри долгиот потонат брод „Х.М.С Маџестик“ на длабочина од 24 метри.
„Х.М.С Маџестик“ служел како команден брод на морнарицата која ги штитела британските острови, а потонат е откако го погодила подморница на 27 мај 1915 година во текот на копнените битки на Дарданелите.

Митхат Атабај, професор на Одделот за историја на Универзитетот „Онсекиз Март“ во Чанаккале, потсети дека Првата светска војна е завршена со потпишување на договорот за прекин на огнот во Германија. Тој објасни дека битките претежно се воделе на западот и истокот на европскиот континент.
„Имаше големи војни. Освен тоа, се водеа и поморски битки, посебно во Атлантскиот Океан и Тихиот Океан“, рече професорот Атабај.
Тој потсети дека тогаш на боиштата починале околу 22 милиони војници, напоменувајќи дека само населението на Османлиското Царство во тоа време изнесувало околу 23 милиони.
Некогашното моќно Османлиско Царство во 1914 година неизбежно се вмешало во Првата светска војна, поддржувајќи ја Германија, Австро-Унгарија и Бугарија против „сојузничките сили“, што ги сочинуваа Велика Британија, Франција, Италија и Русија.

Атабај потсети дека сојузничките сили ги нападнале Османлиите точно пред Чанаккале.
„Гледаме дека многу воени бродови тогаш се потопени пред и во внатрешноста на каналот, како и во Мраморното Море. Кога ќе ги погледнеме бродовите потонати во текот на овие војни, потопени се 235 големи и мали бродови на Османлиското Царство. Едрилиците и малите чамци треба да се вбројат помеѓу нив. Што се однесува до воените бродови, потопувањето особено на британските и француските воени бродови, против кои се борело Османлиското Царство, влијаело на нив во смисла на менување на самиот тек на војната и го нарушило нивниот морал, што значајно влијаело и на конечната победа во Чанаккале“, рече тој.
Во организација на Министерството за култура и туризам на Турција во тоа подрачје отворен е центар за нуркање за сите заинтересирани да можат и самите да ги погледнат остатоците на бродовите.
- Остатоци од бродови на 14 локации -
Професорот Атабај појасни дека остатоци на бродови има на 14 локации.
„Покрај важните бродови како што се „Маџестик“ „Турумп“ и „Голијат“ постојат и бродови во плитките подрачја, кои се многу блиску до брегот и каде луѓето што почнуваат со нуркање можат лесно да нурнат. Многу е важно што овде може да се нурка, поради морнарите кои ги изгубиле своите животи во Првата светска војна и сите војници, но и да се обрне внимание на тоа колку војната е лоша“, кажа тој.
Историчарот Исмаил Кашдемир истакна дека подводниот парк на некој начин претставува нуркање и патување во самата историја.

„Кога посетителите ќе нурнат во подводниот парк, ќе ги видат воените бродови, гранати и разни историски продукти од тој период. Уште еднаш ќе го видат насилното лице на војната што доведе до многу судири. Многу сме среќни што овој подводен парк во Чанаккале ќе биде еден од најголемите нуркачки центри во светот. Постои голема побарувачка и ова веќе предизвика големо внимание. Чанаккале ќе биде едно од првите места на кои веднаш ќе се сетите кога во светот ќе се спомене нуркање. Историјата под вода нè чека“, рече Кашдемир.
- Подводен парк стар 100 години -
Ерџан Зејбек, инструктор по нуркање, појасни дека „Маџестик“ е потонат на 27 мај 1915 година, напоменувајќи дека ова подрачје порано било зона за нуркање за која биле потребни посебни дозволи, но дека сега е отворено за туризам.
„Ова е вистински подводен парк. Значи ова не е нешто вештачко. Ова е подводен парк стар 100 години. Секој бродолом зборува за некој тогашен историски момент. Ова подрачје не е подрачје на вештачки гребен. Ова е потполно природно опкружување и како што потонале бродовите, многу останале во таа положба. Некои од нив се скршени и оштетени со тек на времето, но луѓето сепак можат да ги набљудуваат. Нуркачите секако ги очекуваат убави глетки, пред сè, бидејќи тоа е излезот на Дарданелите. Совршена средина за подводни фотографи и подводни сниматели“, рече Зејбек.
news_share_descriptionsubscription_contact
