Ayşe Böcüoğlu Bodur
01 Август 2021•Ажурирај: 02 Август 2021
АНКАРА
Министерот за земјоделство и шумарство на Турција, Бекир Пакдемирли, информираше дека се ставени под контрола 107 од 112 шумски пожари што беснееја низ земјата, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Пакдемирли на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави: „Под контрола ставивме 107 од 112 шумски пожари што избувнаа во периодот од 28 јули до 1 август 2021 година. Непречено продолжуваат нашите напори да ги ставиме под контрола преостанатите 5 пожари.“
Во својата објава министерот Пакдемирли објави дека продолжува борбата со огнената стихија на две локации во Анталија и на три во Мугла.
Противпожарните служби продолжуваат со гаснењето на пожарите што дивеат во турскиот град Анталија.
Пожарот им се заканува на некои населени места и продолжува да се шири по планината Ѓулен. Во текот на ноќта гаснењето на пожарот се спроведуваше од копно, а од раните утрински часови и од воздух.
Министерството за одбрана на Турција објави фотографии забележани од турските сателити „Ѓоктурк-1“ и „Ѓоктурк-2“, на кои може да се забележат подрачјата зафатени од пожарот.
Бајрам Учар, жител на месноста Хоџаќој, кој се занимава со земјоделие, изјави дека пожарот предизвикал значителна штета на плантажите со бадеми, смокви, грозје и маслинки.
„Никогаш во животот не сме виделе така голем пожар. Изгореа нашите полиња, градини и сиот наш труд. Очекувавме оваа година да собереме 14-15 тони маслинки, сега сето тоа стана пепел“, рече Учар.
Според последните информации, во пожарите досега смртно настрадаа најмалку 6 лица.