Cemil Murat Budak,Tanju Özkaya
22 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Судот во Анкара денеска изрече пресуди за 211 обвинети во случајот „ВИП прислушувања“, а станува збор за обвинети кои се товарат дека во корист на терористичката организација ФЕТО незаконски прислушувале голем број официјални лица, политичари, новинари и претприемачи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Судењето е одржано во 4. Кривичен суд во Анкара, а обвинетите се товарат за членство и водење на вооружената терористичка организација, воено и за политичко шпионирање, незаконски прислушувања, нелегално уништување на документи, фалсификување на официјални документи и тешки измами.
Судот денеска за 131 обвинет изрече затворски казни во траење од 3 години и 9 месеци до 45 години, а меѓу осудените е и поранешниот шеф на Разузнавачкиот оддел при Генералната дирекција на полицијата на Турција, Рамазан Акјурек.
Како еден од главните виновници на незаконското прислушување, Акјурек е осуден на 45-годишна робија, додека поранешниот заменик на шефот на Разузнавачкиот оддел при Генералната дирекција на полицијата на Турција, Ѓурсел Актепе, е осуден на затворска казна во траење од 27 години и 4,5 месеци.
Поранешниот заменик-комесар на полицијата во Анкара, Локман Кирџили, е осуден на затворска казна во траење од 22 години и 6 месеци, а поранешните началници на полицијата, Јурт Атајун и Али Фуат Јилмазер, се осудени на по 7,5 години затвор.
Атајун и Јилмазер, во рамките на претходните случаи веќе се осудувани по точки на обвинението за водење на вооружената терористичка организација, па од ова обвинение им се изземени тие точки.
Затворски казни во траење од по 16 години се изречени на Алија Окан, Илјас Текин, Озгур Озтурк, Сејит Ѓолчук, Фатих Доган и Ертан Аслан, кои се осудени за членство во вооружената терористичка организација и за политичка и воена шпионажа.
ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), за кого Турција официјално од САД бараше негово испорачување.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за пуч кои го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за пуч во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.