Zafer Fatih Beyaz
06 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со премиерот на Пакистан, Имран Кан, разговараше за одлуката на индиските власти која се однесува на специјалниот статус на Кашмир, јавува Anadolu Agency (AA).
Одделот за комуникации при турското Претседателство соопшти дека телефонскиот разговор го побарал Кан, за информирање околу последните случувања околу прашањето за Кашмир.
Ердоган ги повика страните на јакнење на дијалогот.
Министерот за внатрешни работи на Индија, Амит Шах, претходно го прочита Законот за измени и дополненијата на Законот со кој се укинува член 370 на индискиот Устав, кој го регулира статусот на двата региона.
Шах пред останатите пратеници во Парламентот го претстави новиот закон според кој спорните региони се поделени на две територии.
Двете единици ќе имаат одвоени собранија со кои ќе владее централната Влада.
Член 370 овозможува во тој регион сопствен устав, посебно знаме и независност за сите прашања, освен за надворешни работи, одбрана и комуникации.
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без решавање на статусот на регионот. Муслиминате сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, која по повлекувањето на Британците бараше тој регион да се припои на Пакистан. Тогашниот кнез сепак одлучи Кашмир да го припои кон Индија.
Така, Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во прва војна за Кашмир. По истиот повод двете земји војуваа повторно во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35, а Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствена доминантна муслиманска покраина во Индија.
Пакистан, на делот на Кашмир кој е под негова контрола му даде статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на ОН со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши по волјата на тамошниот народ и тој регион да се демилитализира. Такво сценарио заговара и Пакистан, но не и Индија.