Haydar Toprakçı
25 Јануари 2023•Ажурирај: 26 Јануари 2023
ИЗМИР (АА) - Асоцијацијата на протестантско-баптистички цркви во Туркије денеска го осуди палењето на примерокот на Куранот во Стокхолм, главниот град на Шведска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сметам дека палењето на Куранот во Шведска е чин на провокација и понижување на муслиманскиот свет. Ние не го одобруваме овој чин, најстрого го осудуваме“, изјави за новинарите пасторот Ертан Чевик, претседател на Асоцијацијата на протестантско-баптистички цркви во западната турска област Измир.
Истакнувајќи ја важноста на мирниот соживот, тој нагласи дека таков напад, без оглед на која вера сака да наштети, претставува чиста провокација.
„Многу книги беа запалени и уништени во средновековна Европа, и многу еврејски книги беа запалени на улиците за време на нацистичката ера“, додаде тој.
Нагласувајќи дека христијаните се многу вознемирени поради оваа провокација во Шведска, пасторот рече дека сметаат дека е многу погрешно што е дозволен ваквиот чин.
„Овој провокативен чин предизвика бес во однос на сите вери... Ние ги осудуваме [таквите дела] бидејќи тие не ја почитуваат демократијата, човековите права и верувања“, додаде тој.
Пофалувајќи ја атмосферата на толеранција на Туркије, тој рече дека за време на 20-годишното раководење на турската Влада од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган, тој направил сѐ за сите верски групи да живеат во мир.
Во саботата, данскиот екстремно десничарски политичар Расмус Палудан запали примерок од Куранот пред Турската амбасада во Стокхолм, под полициска заштита и со дозвола од властите, предизвикувајќи бран осуди од целиот арапски и исламски свет.