Muhammed Enes Çallı
13 Октомври 2023•Ажурирај: 17 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије денес упати критики до Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) поради резолуцијата за која Анкара рече дека ќе биде означена како историска грешка, јавува Анадолу.
„Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) направи историска грешка со усвојувањето на препораката и резолуцијата за Туркије на 12 октомври 2023 година“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Со оваа иницијатива ПССЕ ги инструментализира судските процеси за политики и се обидува да ги затвори каналите на дијалог. Ова е против демократските вредности кои се причината за постоењето на ПССЕ“, се додава во соопштението.
Нагласувајќи го статусот на Анкара како основачка членка на Советот на Европа, Министерството го изрази жалењето на земјата што советодавното тело на Советот, ПССЕ, отстапи „толку далеку од своите цели и вредности“.
„Оваа неодговорност на ПССЕ ќе се памети со каење во иднина.“
Резолуцијата на ПССЕ, одобрена вчера (четврток), повика на итно ослободување на затворениот Осман Кавала, кој се соочи со обвиненија поврзани со протестите во паркот „Гези“ во Туркије во 2013 година. Почнувајќи како мал број демонстрации во Истанбул, протестите подоцна се претворија во немири низ целата земја во кои загинаа осум демонстранти и еден полицаец.
Кавала беше ослободен од сите обвиненија во февруари 2020 година, но Апелациониот суд ја укина пресудата во јануари минатата година.
Тој беше обвинет и за вмешаност во неуспешниот обид за пуч во 2016 година во Туркије, организиран од терористичката организација ФЕТО.