Fatma Sevinç Çetin
22 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
ХАТАЈ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Туркије, Сулејман Сојлу, соопшти дека како последица на последните земјотреси во Хатај, најмалку 6 лица загинаа, а 562 лица се повредени, од кои 18 се животно загрозени, јавува Анадолу.
Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала завчера ја погоди областа Дефне во турската област Хатај, а три минути подоцна следуваше уште еден земјотрес со магнитуда од 5,8 степени, чиј епицентар е регистриран во округот Самандаг, исто така во Хатај.
Овие земјотреси се случија две недели по двата разорни земјотреси со епицентри во Кахраманмараш во кои животот го загубија најмалку 42.310 луѓе.
Министерот за внатрешни работи на Туркије, Сојлу, им се обрати на новинарите во Координативниот центар во Хатај и изјави дека акциите за пребарување и спасување во Хатај сѐ уште се во тек на пет урнатини.
„Надлежните служби се на терен и продолжуваат со активностите. Во тек е и процесот на проценка на штетите на објектите. При крај е и прелиминарниот процес, но на барање на граѓаните процесот на проценување ќе биде повторен за секој поединечен објект“, истакна Сојлу.
Тој нагласи дека не е прифатливо никакво поскапување на наемнината во овие тешки моменти и дека таквата појава ќе се смета за безобѕирна и неморална.
„Потресите на тлото сѐ уште траат. Забрането е влегување во објектите кои се оштетени. Ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат упатствата на надлежните тимови“, рече Сојлу.
Тој истакна дека во изминатите 16 дена на југот на Туркије се регистрирани вкупно 7.242 потреси.
„Како држава и народ, рамо до рамо ќе ја надминеме оваа катастрофа. Целта е во наредната година да подигнеме нови згради, но сите заедно ќе го продолжиме процесот на рехабилитација на граѓаните погодени од оваа трагедија“, додаде Сојлу.