Gözde Bayar
30 Септември 2023•Ажурирај: 02 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Туркије изрази загриженост поради радикалните ерменски групи од дијаспората кои користат говор на омраза за да поттикнат насилни акции против Туркије, Азербејџан и мировниот процес, соопшти турското Министерство за надворешни работи, јавува Анадолу.
Соопштението на Министерството следеше откако турски официјални претставници беа вербално и физички вознемирувани од радикални ерменски групи на конференција на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Соединетите Американски Држави (САД).
Американската единица за безбедност и Полицискиот оддел на Лос Анџелес интервенираа во кампусот и спречија посериозни нереди.
„Загрижувачки е што јазикот на омраза на радикалните групи од дијаспората, кои ја напаѓаат нашата земја и Азербејџан, а неодамна и на Владата на Ерменија и мировниот процес во регионот, се претвори во насилни акти. Ќе започнеме правен процес против сите кои физички ќе нападнат наша делегација“, порачаа од Министерството.
Овој инцидент покажа дека „искривувањето на историските факти со тесноградни политички мотиви и изјави изнесени за задоволување на екстремистичките групи поттикнува радикализација, говор на омраза и насилство“, се наведува во соопштението.
Денес, турски официјални претставници присуствуваа на конференција за јавната дипломатија на Туркије организирана од Школата за новинарство „Анаберг“ и Институтот „Јунус Емре“ во Универзитетот на Јужна Калифорнија.
По воведните говори, група ерменски студенти почнаа да протестираат кога турскиот амбасадор во Вашингтон, Хасан Мурат Мерџан, го започна своето обраќање. Друг демонстрант вербално го навреди генералниот конзул на Азербејџан во Лос Анџелес, Рамил Гурбанов.
Десетминутниот протест на групата против Туркије и Азербејџан беше прекинат од обезбедувањето и полицијата, кои ја отстранија од салата.
Во продолжение на конференцијата, групата демонстранти собрани пред зградата се обидоа со правење врева да го нарушат одржувањето на научниот собир.