Faruk Zorlu
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Засега не се откриени случаи на коронавирус во Турција, изјави денес турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата по состанокот на Научниот комитет во врска со вирусот, Коџа рече дека турските државјани што треба да се вратат во Турција од кинескиот град Вухан со турски карго-авион не се дијагностицирани со коронавирус.
„Авионот ќе полета од главниот град Анкара за неколку часа“, рече Коџа.
Инаку, авионот треба да пренесе 34 турски државјани, 7 грузиски и 1 албански државјанин од Вухан, по медицинските проверки.
Турскиот авион ќе полета од главниот град Анкара за да ги евакуира турските граѓани од кинескиот град Вухан, средиштето на појавата на коронавирусот.
Во Вухан ќе отпатува медицински персонал со искуство во заразните болести.
Блокираните лица во Вухан ќе бидат донесени во Турција по ригорозните здравствени прегледи под карантински услови.
Научниците велат дека новиот коронавирус, познат и како 2019-nCoV, што првпат се појави во кинескиот град Вухан, се пренел на луѓето од животни, поточно од лилјаците.
Националната здравствена комисија денес соопшти дека бројот на починати во Кина од појавата на коронавирусот се искачил на 213.
Во Кина се регистрирани околу 9.692 потврдени случаи на пневмонија предизвикана од коронавирусот, познат и како 2019-nCoV.
Вирусот го вклучи алармот на глобално ниво со регистрирани случаи во Азија, Европа, САД и Канада.
Патниците од Кина се прегледуваат за вирусот на аеродромите низ светот. Неколку авиокомпании, меѓу кои и „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), ги прекинаа летовите за Вухан и другите делови на Кина.
На вонредниот состанок одржан вчера, Светската здравствена организација прогласи меѓународна вонредна состојба поради вирусот.