Sinan Uslu
06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција и претседател на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека во рамките на таа партија се вршат неопходните подготовки за првиот граѓански Устав на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку ги усогласиме предлозите на другите партии и подготовки на АК Партијата во врска со новиот Устав на Турција, можеме да очекуваме резултат пред паузата во работата на Парламентот“, изјави Ердоган во обраќањето во клубот на пратеници на АК Партијата.
„Навистина напорно работевте во досегашниот мандат, извршувавте многу важни активности. Се надевам дека на ист начин ќе продолжите да работите во Парламентот како и во сите наши градови“, изјави Ердоган.
Тој посебно го нагласи значењето на дејствување на пратениците во рамките на државниот Парламент.
„Парламентот ја воспостави Република Турција, ја воведе земјата во повеќепартиски политички живот. Ја оживуваше националната волја по секој пуч. Исто така, ги поддржа и чекорите на демократскиот и економскиот развој на државата“, изјави тој.
Ердоган говореше и за важноста за донесување на нов Устав.
„Навистина сме искрени во предлогот за подготовка на првиот граѓански Устав на нашата земја, кој го ставивме на дневен ред на Турција. АК Партијата и Народната алијанса во таа смисла веќе ги вршат потребните подготовки“, истакна Ердоган.
Тој напомена дека и другите партии би требало да ја запознаат јавноста со своите уставни предлози.
Турскиот претседател посочи дека со преминувањето кон претседателскиот систем за управување, Турција направила многу важен чекор на патот на напредокот, што, како што рече, било очигледно за време на пандемијата на коронавирусот.
„Додека многу земји, вклучително и развиените земји, продолжуваат да се борат со политички, економски и социјални тешкотии, ние успеавме да се движиме позитивно во сите области, од здравство до индустрија“, рече Ердоган.