Fatih Hafız Mehmet
24 Февруари 2017•Ажурирај: 25 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Група турски научници денес заминуваат од Истанбул на Антарктикот, за да ја постават првата научно-истражувачка база на Турција на овој континент што го опкружува Земјиниот Јужен пол, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред нивното заминување, раководителката на Поларниот истражувачки центар при истанбулскиот Технички универзитет (ITU PolReC), Бурџу Озсој даде изјава за новинарите на аеродромот „Ататурк“, при што соопшти дека тимот ќе работи на реализацијата на научната база на Антарктикот.
Таа соопшти дека деветмина научници денес заминуваат со цел да спроведат физибилити студија на Антарктикот.
„Нашата цел е да се постави истражувачката фаза за турските научници да започнат со своите истражувања“, нагласи таа, поздравувајќи го проектот кој претставува придонес за напредувањето на Турција од статус на набљудувач, во статус на косултативна страна на континентот.
Научниците ќе се обидат да ја одредат најдобрата локација за планираната истражувачка база.
Во април минатата година, тим од 14 турски научници, вклучувајќи лекари, ботаничари, геодети и геолошки инженери, како и океанографи од седум турски универзитети, за првпат заминаа на научна мисија на Антарктикот со цел да го проучат влијанието на климатските промени.
Антарктикот претставува место само за научни истражувања од моментот на потпишувањето на Договорот за Антарктикот во Вашингтон, во 1959 година, од кој дел е и Турција.
Континентот се смета за најстуден на Земјата. Најниската температура е регистрирана во 1983 година и изнесува - 89 Целзиусови степени. Во текот на летото, температурите растат и се движат од - 15 степени Целзиусови до - 5 степени.
Првиот турски Поларен истражувачки центар „PolRec" е основан во 2015 година.
Мисијата на овој истражувачки центар е да се спроведе истражување на Антарктикот и да подигне угледот на Турција во меѓународната научна заедница.