Muhammed Enes Can,Başak Akbulut Yazar,Murat Kaya
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Обвинителството на Република Турција испраша вкупно 38 вработени во саудискиот Конзулат во Истанбул, во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Државното обвинителство во Истанбул води опсежна истрага за убиството на Кашоги, кој на 2 октомври влезе во саудискиот Конзулат во тој град.
Истрагата ја води Одделот на обвинителството за борба против тероризмот и организиран криминал, а во процесот се вклучени повеќе државни обвинители.
Во Палатата на правдата во истанбулскиот кварт Чаглахан се земени искази на вкупно 38 вработени во Конзулатот на Саудиска Арабија. Меѓу нив се наоѓаат и турски и саудиски државјани, а сите се повикани да дадат искази во својство на сведоци.
Искази дадоа вработените кои во Конзулатот работат различни работи, како што се возачи, технички персонал, сметководители и оперативци на телефонска централа.
На повик на Обвинителството за давање искази не се одзваа пет вработени во саудискиот Конзулат.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија неодамна соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.