Sarp Özer
18 Април 2022•Ажурирај: 19 Април 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за национална одбрана на Турција соопшти дека според прелиминарните податоци, неутрализирани се 19 терористи во операцијата „Канџа-катанец“ во северен Ирак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турција започна нова прекугранична антитерористичка операција против терористичката група ПКК во северен Ирак.
Од Министерството е наведено дека операцијата е започната синоќа со цел спречување на терористичките напади во северен Ирак и обезбедување гранична безбедност.
„Операцијата 'Канџа-катанец', во која учествуваат тимови на командоси и специјални сили поддржани од беспилотни летала, хеликоптери за напад и артилериски елементи, особено ги има како цел областите Метина, Зап и Авашин-Басјан“, рече Хулуси Акар.
Во овие области се уништуваат засолништа, складишта за муниција, штабови, места за собирање и тунелски мрежи.
Од Министерството за одбрана на Турција е наведено дека се постигнати целите од првата фаза.
„Операцијата продолжува како што е и планирано“, истакнаа од Министерството за национална одбрана на Турција.
„Продолжуваме со пребарување на теренот. Сите засолништа, бункери и таканаречени стожери, како и јамите на терористите, ќе бидат уништени еден по еден. Според прелиминарните податоци, во операцијата се неутрализирани 19 терористи. Оценуваме дека тој број ќе се зголеми. Во текот на операцијата се ранети четири наши херојски соборци“, соопштено е од ова Министерство, од каде порачаа дека терористите мора да разберат дека нема каде да избегаат.
„Мора да се предадат на правдата. Одлучивме да ја спасиме нашата благородна нација од злото на тероризмот“, додадоа од Министерството за национална одбрана на Турција.