Hatice Özdemir Tosun
22 Јули 2019•Ажурирај: 24 Јули 2019
АНТАЛИЈА
Хатиџе ОЗДЕМИР ТОСУН
Туристичкиот сектор во Турција, земја која ја посетуваат луѓе од сите делови на светот, оваа година би можел да оствари раст поголем од десет отсто, без разлика дали станува збор за приходите или бројот на посетители.
Претседателот на Федерацијата на хотелиери во Турција (TUROFED), Осман Ајик, за Anadolu Agency (AA) зборуваше за туризмот и очекувањата за оваа година.
Во таа прилика изјави дека моменталните бројки даваат причина за оптимизам.
„Според нашите проценки, Турција оваа година ќе оствари раст од десет отсто, а на тоа укажуваат досегашните бројки. Во 2019 година ќе го собориме рекордот. Очекуваме бројка поголема од 50 милиони туристи на подрачјето на целата земја“, изјави Ајик.
Тој додаде дека Турција ќе собори нов рекорд во туристичкиот сектор.
Укажа на фактот дека доаѓа до значаен напредок како во бројот на туристите, така и во економскиот сектор.
Моменталните бројки укажуваат на зголемување во приходите, но и на бројот на преноќувањата.
Тој верува дека напредокот во туризмот значајно ќе се одрази и на економијата во земјата.
„Очекуваме повеќе од десет отсто зголемување на приходите во туризмот, кои минатата година изнесуваа околу 30 милијарди долари. Моментално секторот туризам е со најголема активност“, изјави Aјик.
Претседателот на Федерацијата на хотелиери во Турција потсети дека Турција ја посетуваат туристи од различни профили и висина на буџетот.
„Секој регион во Турција може да стане посебна дестинација. Секој регион полека ја зголемува својата понуда и сместувачки капацитети“, рече Aјик, кој верува дека Турција има многу да понуди.
Според Ајик, Турција ја посетуваат гости од 180 земји. Две најзначајни земји според бројот на туристи што ја посетуваат Турција се Русија и Германија, а во последниве години дојде до зголемување на бројот на туристи и од Британија.
Тој верува дека во Европа постојат земји од кои е можно да се привлече дополнителен број на гости, а посебно се осврна на потенцијалот на пазарите во Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, земјите од Балканот...
Ајик истакна дека и скандинавските земји во последно време покажуваат сè поголем интерес за Турција.
Укажа и на значењето на туристите од Индија, Кина, Јужна Кореја и Јапонија за туризмот во Турција.
Тој потсети дека Јужна Кореја е земја од која во последните години значително се зголемува бројот на туристи што ја посетуваат Турција, а постои и напредок и на гостите од Кина.
„Во среднорочниот период од пет години се очекува дека Европа ќе ја посетат повеќе од 30 милиони Кинези. Ние сме на иста рута. Мораме максимално да го искористиме тоа“, изјави Ајик, кој смета дека тоа важи и за другите земји од Далечниот Исток.