Hatice Özdemir Tosun
17 Јуни 2021•Ажурирај: 18 Јуни 2021
АНТАЛИЈА (АА) - Во Анталија, Турција, започна состанокот на министрите за надворешни работи и Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), јавува Агенција Анадолија (AA).
Процесот за соработка во Југоисточна Европа оваа година се одржува под претседавање на Турција, а во Конгресниот центар НЕСТ во Белек започна состанокот чиј домаќин е турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Состанокот започна по заедничката фотографија на министрите.
Се очекува Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ да се одржи во попладневните часови во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
На Самитот претходно се најавија осум шефови на држави и девет шефови на дипломатии.
Утре и задутре (петок и сабота) во Анталија ќе се одржи Дипломатски форум на кој ќе учествуваат 12 шефови на држави, 43 министри за надворешни работи, четворица поранешни шефови на држави и претставници на меѓународни организации и академската заедница.
Чавушоглу претходно изјави дека на Форумот ќе учествува и шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во Анталија учествува на состанокот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Османи, во рамките на министерскиот состанок ќе има одвоена билатерална средба со домаќинот, турскиот министер Чавушоглу.
На Самитот на претседатели на држави и влади на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа ќе учествува и претседателот Стево Пендаровски, кој е предвидено да има свое обраќање на Самитот, како и билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Утре Пендаровски ќе учествува и на Анталија Дипломатскиот форум каде што исто така ќе има свое обраќање.