Ergün Haktanıyan
18 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
КАЈСЕРИ (АА) - Земјотрес со јачина од 4,9 степени ја погоди централната турска област Кајсери, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјотресот го погоди подрачјето на Сариоглан, а оштетени се и неколку станбени објекти.
Гувернерот на Кајсери, Шехмус Гунајдин, на социјалните мрежи напиша дека сите надлежни екипи се на терен.
Градоначалникот на Кајсери, Мемдух Бујуккилич, рече дека во моментов нема лоши информации и посака нешто слично да не се повтори.

Началникот на округот Сариоглан, Бекир Ајилдирим, за АА изјави дека сите екипи се на терен.
„Нема вонредна состојба ниту настрадани. Неколку куќи имаат пукнатини“, рече Ајилдирим.
Ајхан Оран (43), кој живее во населбата Палас, рече дека земјотресот ги разбудил.
Часовникот закачен на ѕидот паднал, а во куќата се појавиле неколку пукнатини.
„Беше страшно. На животните ништо не им беше. Неколку парчиња камен паднаа во шталата, но нема причина за страв“ рече Оран.

Штета е причинета и во куќата во која живее Невраз Озјашар (80), а семејството во страв веднаш истрчало од објектот.
Директорот на Канцеларијата за вонредни состојби во Кајсери, Осман Атсиз рече дека во земјотресот нема загинати ниту повредени.
Истакна дека има пукнатини на неколку објекти, и дека денеска ќе се започне со активностите за утврдување на штетите.
Во работата на терен учествуваат и екипи од Невшехир, Аксарај и Анкара.
Атсиз рече дека две лица поради претрпениот страв биле пренесени во болница, но дека се добро и дека немаат никакви последици.