Sarp Özer
25 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
ШИРНАК/АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили неутрализираа 56 терористи во операцијата „Канџа-катанец“ што започна неодамна во северен Ирак, соопшти Министерството за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата операција продолжува како што планиравме со голем успех. Посакуваме Бог да се смилува на нашите шехиди“, рече министерот за национална одбрана Хулуси Акар на состанокот по пат на видеолинк со командантите на единиците на операцијата.
Акар додаде дека првата фаза на операцијата е успешно завршена.
Истакнувајќи дека новата фаза на борбата против тероризмот започнала на 24 јули 2015 година, Акар рече дека вкупно 34.259 терористи биле досега неутрализирани во Турција, северен Ирак и Сирија.
„Од почетокот на оваа година, бројот на неутрализирани терористи достигна 991“, додаде тој.
Турција ја започна операцијата „Канџа-катанец“ претходната недела, а цел се засолништата на ПКК во областите Метина, Зап и Авашин-Басјан во Ирак.
На оваа операција ѝ претходеа операциите „Канџа-Тигар“ и „Канџа-Орел“ што започнаа во 2020 година за да се искоренат терористите кои се кријат во северен Ирак каде планираат прекугранични напади во Турција.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.