Burak Akay
29 Септември 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
ЧАНАККАЛЕ - БУРАК АКАЈ -
Историскиот полуостров Галиполи, каде што се одвиваа војните кај Чанаккале, покрај богатството на копнени музеи на отворено, со трагите од бродоломите под водата ќе биде еден од најважните нуркачки центри во светот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на Проектот за историскиот подводен парк „Галиполи“, светилникот Мехметчик во селото Седулбахир е претворен во музеј кој ја раскажува подводната историја, опишувајќи ги настаните за време на војната во теснецот Чанаккале (Дарданели), што во регионот се случија пред 106 години, со цел местото да се развие во центар на нуркачки туризам.
Воени бродови од различни типови и карактеристики се потонати на 14 точки во регионот. „Х.М.С. Маџестик“, командниот брод на британската морнарица што ги штитеше Британските Острови, кој беше торпедиран од подморницата У21 на 27 мај 1915 година за време на копнените војни во Чанаккале, е еден од најважните потонати бродови во овие води. Покрај тоа, во теснецот има голем број потонати бродови, меѓу кои се и бродовите „Триумф“, „Оушн“, „Бувет“, „Голијат“.

Исмаил Кашдемир, раководител на Одделот за битките на Чанаккале и историскиот локалитет Галиполи при турското Министерство за култура и туризам, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека ги завршиле потребните активности со различни државни институции и со Советот за научно-технолошки истражувања на Турција со кои соработуваат од 2017 година и се подготвуваат да го отворат еден од најважните нуркачки центри во светот.
Потенцирајќи дека создале многу важен подводен парк, Кашдемир истакна: „За првпат во светот, на историска област во Чанаккале, во употреба е пуштен подводен парк со тема од Првата светска војна.“
Тој информира дека бродовите потонати во Чанаккале ќе бидат отворени за туристичко, спортско и техничко нуркање, укажувајќи дека во морските води има големо богатство.
Тој рече дека потонатите бродови во теснецот Чанаккале биле забранета зона за нуркање, и додаде: „Сите потонати бродови си имаат своја историска приказна. Имаат вредност затоа што сите тие бродови биле дел од многу приказни за време и пред војната, и на крајот потонале.“

Кашдемир истакна дека наскоро планираат да го објават отворањето на центарот за нуркачки туризам со голем промотивен состанок.
- „Нуркајќи ќе патуваат низ историјата“ -
Изразувајќи задоволство што заедно со повеќе институции, како тим, успеале да го завршат проектот, Кашдемир додаде:
„Досега, историскиот локалитет беше на локација на која можеа да се спроведуваат посети само во врска со копнените војни. Војната на Чанаккале не се одвиваше само на копно, туку и на море. Во морските води лежи многу важна историја, многу човечки приказни. Овие потонати бродови чекаат да бидат видени 106 години. Ние, како претседателство на историскиот локалитет, не можеме да останеме рамнодушни кон толку важни места, кон местата на кои се наоѓаат потонатите бродови. [Проектот] Наиде на многу голем интерес. Отсега битката кај Чанаккале ќе може да се види и толкува и од морето.“

Кашдемир за подводниот парк рече дека кога луѓето ќе нурнат во морето, ќе можат да видат 14 различни локалитети, со можност за нуркање во подводниот парк на површина од 150 квадратни километри.
„Кога ќе бидат под вода, ќе имаат можност да дознаат како потонал бродот, колку луѓе биле спасени и како Турците им помогнале. Ќе ги видат топовските гранати од тоа време, кормилото на бродот, бродот, каде бродот е оштетен и поради што потонал. Можеби додека нуркаат во подводниот парк, ќе наидат на бајонет, пушка или сидро од брод што паднале при истражувањата и нивното извлекување на површината“, нагласи Кашдемир.
Тој рече како што на копното посетителите патуваат низ историјата во Чанаккале, отсега, на историскиот локалитет ќе можат да направат и историско патување под вода.
„Она што многу повеќе ги привлекува луѓето е што овој локалитет има своја приказна, има историска вистина. Поточно кажано, ниту еден предмет или елемент во подводниот парк, во центарот за нуркање не е дополнително изработен, туку сите се вистински, поради што сите тие имаат вистинска приказна. Тоа, пак, го зголемува интересот.“
Исмаил Кашдемир додаде дека ги очекува сите во Чанаккале за да ги видат историските вредности и на копно и во море.