Halil Demir
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското Обвинителство издаде налог за лишување од слобода на 17 воени лекари кои се товарат дека со лажирање на лекарските наоди отворале места во воените училишта за инфилтрирање на елементи на терористичката организација ФЕТО во тие училишта, јавува Anadolu Agency (AA).
Налозите за приведување ги издаде Државното обвинителство „Анадолу“ во Истанбул, кое ја води истрагата за лекарските прегледи со кои припадниците на терористичката организација ФЕТО на здрави тинејџери им издавале лажирани лекарски наоди според кои не можеле да бидат запишани во Воената гиммназија „Кулели“, со цел во истото училиште да се запишат момчиња што ги испраќала ФЕТО, кои потоа се инфилтрирале во Турските вооружени сили.
На тој начин, инфилтрираните лекари на ФЕТО ги рушеле соништата на многу млади Турци кои сакаа чесно да носат воена униформа и да им служат на државата и на народот, а наместо нив, шанса за упис во воените училишта добиле момчиња кои подоцна во униформа на Турската војска беа лојални на терористичкиот „октопод“, кој од Пенсилванија, САД, го води Фетула Ѓулен.
Постапувајќи по налог, истанбулската полиција утрово започна акција во три града и приведе 11 осомничени. Во тек е потрагата по останатите шест осомничени.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за обидот за државен удар во Турција, ноќта, на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција формално го побара од САД.
Членовите на таа терористичка организација со години преку местење на испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство преку наместен процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули 2016 година офицерите во Турската војска лојални на таа терористичка организација започнаа обид за пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во којашто е активна, а на тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а беа ранети околу 2.200 лица.