Aysu Biçer
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Турција порача дека не е можно да се усвојат одлуки на Самитот на Обединетите нации за климатски промени, КОП26, во Глазгов, Шкотска, врз основа на анекси или каква било нова категоризација, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не сметаме дека анексите на Конвенцијата ја одразуваат моменталната ситуација во однос на нивоата на развој на земјите“, напиша на Твитер Мехмет Емин Бирпинар, главен преговарач на Турција за климатски промени, повикувајќи се на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC), која ја наведува Турција во групата Анекс 1, како индустријализирани или развиени земји.
Турција го ратификуваше Парискиот договор за климата од 2015 година како земја во развој и неговото спроведување не смее „да му наштети на нејзиното право на економски и општествен развој“, се вели во соопштението одобрено од Парламентот.
Турција претходно испрати предлог до Рамковната конвенција на ОН за климатски промени нејзиното име да се отстрани од листата Анекс 1, што е на привремената агенда на Конференцијата за климатски промени КОП26.
„Гледаме постојан обид да се вклучи јазичната референца во Анекс 1 од Конвенцијата“, рече Бирпинар.
Две групи се на преговарачката маса во Глазгов.
Земјите од Анекс 1 се одговорни за ограничување на емисиите на стакленички гасови и пренесување на своите податоци, додека земјите од Анекс 2 се одговорни за трансфер на технологија и обезбедување финансии на земјите во развој во борбата против климатската криза.
„Вметнувањето на анекси во нацрт-одлуките на кои работиме овде е обид за забавување на нашите напори“, нагласи Бирпинар.
„Не прифаќаме никаков вид категоризација освен веќе договорените називи во Париз - развиени и земји во развој.
„Техничките прашања се многу клучни ако сакаме да имаме успешен исход до 12 ноември“, рече тој.
„Тука сме за комплетирање на правилникот и треба да дејствуваме со добра волја за напредок“, порача Бирпинар.