Nilay Kar
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
ИСТАНБУЛ
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи денес упати честитки до опозицискиот лидер во Грција, Киријакос Мицотакис, по повод неговата победа на вчерашните општи избори, изразувајќи надеж за унапредување на билатералните односи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Упатуваме честитки до лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, кој победи на предвремените општи избори што се одржаа вчера во Грција, и кој се здоби со правото да формира Влада“, истакна Хами Аксој во соопштението.
Партијата Нова демократија (ND) предводена од Мицотакис постигна јасна победа на вчерашните предвремени општи избори, според неофицијалните резултати објавени од страна на Министерството за внатрешни работи на земјата.
Централнодесничарската Нова демократија освои 40 отсто од гласовите, со што добива 158 места во грчкиот Парламент, кој брои 300 пратенички места.
„Со формирањето на Владата под раководство на г-дин Мицотакис, се надеваме дека нашите билатерални односи ќе бидат дополнително зајакнати врз база на пријателството меѓу турскиот и грчкиот народ“.
„За таа цел, сакаме брзо да ги ревитализираме постојните канали за дијалог и да ги почнеме нашите контакти што е можно побргу, со цел решавање на прашањата од нашата агенда“, рече Аксој.
Предвремените избори во Грција беа неизбежни откако премиерот Алексис Ципрас побара распуштање на Парламентот по слабите резултати на владејачката партија на изборите во Европската Унија, што се одржаа во мај. Неговата партија заврши на второ место, по Нова демократија.