Başak Akbulut Yazar
09 Јули 2019•Ажурирај: 10 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Во рамките на истрагата против припадниците на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во турските вооружени сили, турското Обвинителство издаде налог за лишување од слобода на вкупно 176 осомничени лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Истанбул нареди приведување на 176 активни припадници на турската војска кои се товарат за поврзаност со терористичката организација ФЕТО и директни контакти со позиционираните челници на таа терористичка група.
Станува збор за истрага за терористичките елементи на ФЕТО инфилтрирани во Вооружените сили на Турција. Од ноември 2017 година турското Обвинителство откри вкупно 2.287 осомничени припадници на војската за учество во обидот за пуч. Уапсени се 1.233 осомничени лица.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција започна акција за приведување на осомничените.
Паралелно со тоа, Обвинителството во Измир утринава издаде налог за приведување на 35 осомничени лица, вклучувајќи и 20 активни припадници на турската војска, петмина претходно суспендирани и десетмина цивили.
Терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Членовите на оваа терористичка организација, со години, преку местење на испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, во правосудството на Турција, преку наместен процес поради наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во турската војска, припадници на терористичката организација, започнаа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251 лице, а ранети се околу 2.200 лица.