Hakan Burak Altunöz
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
ТРАБЗОН (АА) - По повеќедневните подготовки, надлежните турски служби успеаја со кранови да го подигнат и извлечат патничкиот авион од провалијата во близина на аеродромот во Трабзон, во која заврши авионот по излетувањето од пистата на 13 јануари, јавува Anadolu Agency (AA).
При слетување на трабзонскиот аеродром, патничкиот авион кој сообраќање на релацијата Анкара-Трабзон излета од пистата и заврши на карпата на брегот од Црното Море. Во несреќата немаше повредени и сите 162 патници и членови на екипажот беа успешно евакуирани од леталото.
Меѓутоа, пред надлежните турски служби остана тешката задача на извлекување на големиот патнички авион од типот Boeing 737-800 насукан на сред стрмна карпа.
Утринава, летовите на аеродромот беа запрени, а надлежните служби со помош на два крана, со носивост од 500 и 300 тони, успеаја да го извлечат авионот од провалијата.
Спасувачките тимови со вкупно 150 лица, 11 часа посветено работеа на извлекувањето на авионот.
Авионот во моментот е на сигурно и екипите започнаа евакуација на багажот кој благовремено ќе им биде испорачан на патниците.
Остана полесниот дел од работата, авионот да се отстрани од аеродромот и да се премести на предвиденото место за поправка.
Акцијата на извлекување ја следеа голем број пожарникарни, медицински и полициски екипи, а голем број на граѓани со часови го следеа настанот.
Трошоците за извлекување на авионот од провалијата ќе ги сносат осигурувачките куќи на авиопревозникот.