АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу изјави дека глобалните проблеми бараат глобални решенија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на виртуелниот семинар на „Дипломатскиот форум Анталија“, Мевлут Чавушоглу рече: „Турција го исполни својот дел од поддршката на другите и глобалните иницијативи“.
„Турција испрати медицински материјали во 141 земја и на пет меѓународни организации. Со овие бројки, Турција стана вториот најголем снабдувач на медицинска помош во светот“, истакна шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.
Нагласувајќи дека без лек, битката против пандемијата на Ковид-19 „е далеку од крај“, Чавушоглу рече: „Никој не е безбеден, додека сите не се безбедни. Сите ние мора да дејствуваме заедно пред глобалните предизвици“.
„Време е да размислиме како можеме да го промениме начинот на кој работиме на подобро“, истакна тој.
Виртуелниот семинар, насловен „Влијанието на ефектите од пандемијата кон регионална соработка во Азија“, се фокусираше на азиската реакција на пандемијата на коронавирусот и нејзините социјални и економски влијанија.
Чавушоглу и порача на меѓународната заедница „да ја искористи борбата против пандемијата за дијалог и мир“ и потсети дека „економиите се интегрирани едни со други сега повеќе од кога и да било“.
„Затоа, ние мора да прифатиме интегриран мултилатерален пристап во борбата против пандемијата“, додаде тој.
Чавушоглу, исто така, повика на проширување на дигиталната поврзаност, подобрување на логистичките и транспортните инфраструктури, обезбедување на синџирите на снабдување и зајакнување на флексибилноста и финансиската стратегија на бизнисот“.
Тој понатаму изрази подготвеност на Турција за тесна соработка со секој партнер во Азискиот Пацифик за ваквите глобални напори.
- Азербејџан игра активна улога во борбата против Ковид-19 -
Министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, рече дека семинарот „исто така ќе биде добра можност да се обезбеди увид во тоа како Република Азербејџан се справува со пандемијата на коронавирусот од нејзиното појавување“.
„Пандемијата на Ковид-19 донесе голем број неспоредливи предизвици и нарушувања кои бараат светски напор за заштита на јавното здравство. Земјите презедоа мерки за зајакнување на ограничувањето, спречување и одговор на ширењето на пандемијата под водство на нивните шефови на држави и влади“, рече Бајрамов.
„Азербејџан игра активна улога во борбата против пандемијата на Ковид-19 и на домашно и мултилатерално ниво. Досега Азербејџан обезбеди доброволна финансиска помош на Светската здравствена организација “, додаде тој.
Бајрамов ја истакна и активната улога на Азербејџан во рамките на Туркискиот совет.
„Азербејџан го презеде претседателството со Туркискиот совет на 15 октомври 2019 година, за време на 7.Самит што се одржа во Баку, со цел понатамошно јакнење на соработката и усогласените напори за постигнување на целите на просторите во кои се зборува турскиот јазик“, додаде тој.
Во врска неодамнешните тензии меѓу Ерменија и Азербејџан, Бајрамов рече: „Додека целиот свет е мобилизиран да се бори против пандемијата на Ковид-19, Ерменија прибегнува кон провокација и обиди за одвлекување на внимание за ескалација на тензиите“.
„На 12 јули 2020 година, вооружените сили на Ерменија флагрантно го нарушија прекинот на огнот и употребија артилерија за да пукаат врз позициите на вооружените сили на Азербејџан во областа Товуз, по должината на државната граница меѓу Ерменија и Азербејџан. Како резултат на нападите, 12 војници, меѓу кои и еден главен генерал на азербејџанските вооружени сили и 1 цивил загинаа “, додаде тој.
Говорејќи на настанот, државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Сузуки Кеисуке, им се заблагодари на Чавушоглу и на другите учесници.
Во географска и политичка смисла, Јапонија има улога во поврзувањето на Истокот и Западот, Азија и Америка, додавајќи дека Турција има слична улога заради мостот што ги поврзува Европа и Азија.
Извршната секретарка на Економската и социјалната комисија на ОН за Азија и Пацификот, Армида Алисјахбана рече дека пандемијата покажала колку се меѓусебно поврзани светските економии и општества и дека ниту една земја не може да се справи сама со економските ефекти од оваа појава.
„Земјите имаат можност да ги ублажат нееднаквостите, да усвојат одржливо трошење и производство и да ја забрзаат декарбонизацијата на економијата. Закрепнувањето со социјална и економска трансформација нема да биде можно без зајакнување на #SDG16 на институциите и добро управување“, изјави Алисјахбана на социјалната мрежа Твитер.