Firdevs Bulut
18 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушолгу, доцна синоќа изјави дека Либија топло ја пречекала турската делегација во главниот град Триполи и дека тоа било можност за разговори за додатно јакнење на билатералните односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Покрај Чавушоглу, во турската делегација што вчера се состана со либискиот премиер Фајез ал Сараџ во Триполи, исто така беа и турскиот министер за финансии и трезор, Берат Албајрак и шефот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан.
„Нашата посета на Триполи беше исклучително добредојдена. Целта на нашата посета е јасна, а тоа е јасно да покажеме дека Турција стои покрај Либија“, рече турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу.
„Како што знаете, потпишавме меморандум за разбирање со Либија во врска со поморското разграничување. Разговаравме за сите чекори што треба да се преземат во Средоземното Море во однос на енергетиката. Разговаравме за тоа што треба да се направи за да се постигне постојан прекин на огнот и политичка одлука. Разговаравме и за тоа како ќе ја продолжиме нашата работа во рамките на ОН. Ги оценивме чекорите што треба да се преземат во рамките на меѓународната заедница“, додаде тој.
Тој исто така потсети дека масовните гробници биле откриени откако градот Тархуна се ослободил од нелегитимните милитантни сили предводени од Калифа Хафтар и рече дека Турција го поддржува барањето на либиската Влада, случајот да биде истражен во Меѓународниот кривичен суд.
„Нехуманите масакри треба да бидат истражени и одговорните треба да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Чавушоглу.
За време на вчерашната средба во Триполи се разговараше и за економската соработка меѓу Турција и Либија, а Чавушоглу рече дека војната во Либија го отежнува бизнисот на турските компании, но дека има проекти што се во тек и оние што ќе започнат.
На состанокот во Триполи присуствуваа и шефот на либиската дипломатија, Мухамед Сијала и шефот на Врховниот државен совет на Либија, Калид ал Мисхри, а турската делегација ги посети и турските тимови за обука кои таму дејствуваат во согласност со потпишаниот договор.
Чавушоглу им честиташе на Турските вооружени сили за успешното водење на двете антитерористички операции против ПКК на северниот дел на Ирак.
Тој во синоќешното обраќање на новинирате ја искористи можноста и да му честита на турскиот амбасадор Волкан Бозкир за вчерашниот избор за претседател на 75. седница на Генералното собрание на ОН.
„Му честитам на амбасадорот Бозкир за изборот кој е доказ за респектабилната позиција на Турција“, порача Чавушоглу.