Tuğba Altun,Dildar Baykan Atalay
20 Февруари 2023•Ажурирај: 21 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, рече дека неговата земја има историски и културолошки односи, како и силна партнерска врска со Северна Македонија, јавува Анадолу.
Чавушоглу се обрати на заедничката прес-конференција одржана по средбата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој е и претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), на која учествуваше и Хелга Шмид, генерална секретарка на ОБСЕ.
Заблагодарувајќи им се на Владата и народот на Северна Македонија кои стојат покрај Туркије од првите денови по земјотресот на 6 февруари што го погоди јужниот дел на земјата, Чавушоглу потсети дека Северна Македонија по овој повод го прогласи 13 февруари за ден на жалост и испрати тим за пребарување и спасување од 190 луѓе.
Чавушоглу нагласи дека овој тим соработувал со турските екипи во Адијаман и Кахраманмараш и извлекле двајца живи граѓани од урнатините.
Тој посочи дека како посебна точка на дневниот ред во Постојаниот совет на ОБСЕ се разговарало за земјотресите во Туркије, додавајќи дека на оваа средба примил сочувство и му била пренесена поддршката од земјите членки на ОБСЕ.
Чавушоглу истакна дека ОБСЕ, проширувајќи се од Евроатлантикот до Евроазија, вклучува 57 земји, и привлече внимание на фактот дека оваа организација, како и Организацијата за исламска соработка се најголемите организации по бројот на членки по Обединетите нации (ОН).
Нагласувајќи дека ОБСЕ се заснова на сеопфатно разбирање за безбедноста, Чавушоглу рече дека во тој поглед организацијата може да биде платформа за развој на соработката меѓу земјите членки за време на природни катастрофи.
Турскиот министер изјави дека во овој контекст, реформирањето на ОБСЕ ќе биде од голема корист, нагласувајќи дека тоа не се однесува само на земјотресите во Туркије и дека неговата земја ќе придонесе за чекорите што ќе бидат преземени во оваа насока во иднина и ќе преземе иницијативи.
- „Имаме историски, културолошки и силни партнерски врски“
Тој рече дека ќе продолжат тесно да соработуваат со Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ, додавајќи дека на денешната трипартитна средба разговарале за прашања од агендата на ОБСЕ.
Според него, разговарале и за војната во Украина. „ОБСЕ имаше специјална набљудувачка мисија во Украина. Моравме да ја евакуираме по војната. На чело на оваа мисија беа двајца турски дипломати“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу истакна дека разговарале за некои од прашањата со кои се соочува ОБСЕ, како што се буџетот и реформите, а со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Османи, секогаш се во контакт за билатералните односи меѓу Туркије и Северна Македонија.
Истакнувајќи дека постои силна врска меѓу двете земји, Чавушоглу рече: „Ние имаме историски и културолошки врски. Имаме силна партнерска врска. Турците кои живеат во Северна Македонија се важен елемент што ја поврзува Северна Македонија со нас“.
Чавушоглу подвлече дека нема да ја заборават солидарноста на ОБСЕ и земјите членки во овој тежок период и им се заблагодари на Османи и Шмид за нивната посета.