Ahmet Gürhan Kartal
12 Јули 2020•Ажурирај: 13 Јули 2020
ЛОНДОН (АА) - Либиската Влада признаена од Обединетите нации (ОН) ќе се согласи на прекин на огнот само доколку Калифа Хафтар ги повлече своите сили од централните и западните региони на земјата, истакна турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За британскиот весник „Фајненшал тајмс“, Чавушоглу рече дека Владата на национално единство, предводена од премиерот Фајез ал Сараџ, е решена да ја продолжи својата офанзива против силите на Хафтар, освен ако тие не се повлечат од двете стратешки места, пристанишниот град Сирт и од Џуфра.
Чавушоглу истакна дека Русија дала предлог за прекин на огнот за време на разговорите во Истанбул минатиот месец, со конкретен датум и време.
Тој рече дека „кога Анкара се консултираше со Владата за национално единство, либиските власти ги кажаа своите предуслови за Сирт и Џуфра и за тоа силите на генералот Хафтар да се вратат на линиите од 2015 година.“
Турскиот министер нагласува дека можно е Анкара да ја поддржи офанзивата и дека предусловите на либиската Влада на национално единство за прекин на огнот се легитимни и разумни.
Говорејќи за воздушниот напад врз воздухопловната база „Ал-Ватија“ минатиот викенд, Чавушоглу за „Фајненшал тајмс“ изјави дека истрагата ќе утврди кој е одговорен, но вети дека кој и да е одговорен за тоа ќе плати.
„Турција во базата има обучувачи и технички персонал, која силите поддржани од Турција ја зазедоа од Хафтар во мај, но ниту еден не е повреден“, додаде Чавушоглу.
„Ние не сме за ескалација во регионот, ниту пак за војна, но [поддржувачите на Хафтар] се со пучистот Хафтар“, рече Чавушоглу.
Хафтар на 14 јануари одби да ја потпише руско-турската иницијатива за прекин на огнот во Либија, и продолжи со своите напади и неуспешниот обид за заземање на главниот град Триполи.
Министерството за надворешни работи на Либија нагласи дека тие отсекогаш правеле обиди за постигнување мирно решение за кризата во земјата.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, минатата недела тврдеше дека „либиската Влада не сака да потпише договор за прекин на огнот и бара воено решение“.
„Го потсетуваме рускиот министер за надворешни работи дека Владата за национално единство ја потпиша руско-турската иницијатива во Москва, додека Хафтар одби да ја потпише и замина [од Москва], ставајќи ја Русија во засрамувачка позиција“, се вели во соопштението од либиското Министерство за надворешни работи.
Од април 2019 година, нелегитимните сили на Хафтар започнаа напади врз либискиот главен град Триполи и други делови на северозападна Либија, во кои загинаа над 1.000 лица, меѓу кои жени и деца.
Силите на либиската Влада неодамна остварија значајни победи, протерувајќи ги силите на Хафтар од Триполи и стратешкиот град Тархуна.